Виолета од Штип има библиотека со 300 книги: „Читам од средно, обожавам да разговарам со македонски писатели“
Четврто крило, Ребека Јарос
Бев прилично скептична во врска со оваа книга, но уживав во секоја страница. Тарн и Андарна, змејовите во приказната, ми се преслатки.
Саркастичниот однос на Тарн кон Вајолет и обратно е неверојатно забавен и сигурно ќе ве насмее, а понекогаш ќе ве натера и да превртите очи заедно со нив.
Чувството додека ја читате книгата не се опишува - ова е книга во која ги почувствував сите можни емоции одеднаш.

Убавината на скршените нешта, Ивана Спасев
Книга од наш македонски автор на која ретко кој би останал рамнодушен бидејќи е инспирирана од вистинска приказна. Ивана има оставено дел од својата душа на страниците.
Плачев додека ја читав, што ретко ми се случува. Книга што ви дава надеж и кажува дека не сте сами во својата борба.
Ова е книга која јас искрено не би ја препорачала на жени што се соочуваат со неплодност, но која дефинитивно мора да ја прочитат во иднина кога ќе бидат подготвени.

Рогоз, Павел Миленковски
Книга од автор од Штип која со нетрпение сакав да ја прочитам и не згрешив во изборот.
Дејството се одвива во Штип, град во кој што се случуваат низа убиства и младиот инспектор Мартин Кирковски е задолжен да ја води истрагата.
Во неа го вклучуваат и пензионираниот инспектор Александар познат како Рогоз.
Книга на која ќе ги вртите страниците една по друга и нема да осетите колку брзо минува времето.

Последната камелија, Сара Џио
Обожавам да читам книги каде сегашноста и минатото се преплетуваат, а ова е баш таква книга.
Еден примерок на мидлбериска розова камелија ги поврзува приказните на две жени.
Книгава ви е како да гледате филм, крајот ќе ве изненади.

Љубов во Тел Авив, Сандра Малетски
Книга која ќе ви ја разнежни душата. Емотивна приказна што ќе ве насмее. Уште на првата страница ќе се внесете во приказната.
Она што мене ми остави впечаток е пријателството меѓу Луна, Маја и Нина - секогаш се тука една за друга.
А љубовната приказна на Луна и Бен едноставно ќе ве разнежни, но можеби и ќе ве изнервира на моменти.

©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
А. Ј. | Црнобело