Васил Гарванлиев преработи песна од „Битлси“ и доби поддршка од Пол Макартни и Ринго Стар: „Уште ми е нереално“
„Бочели го слушна дуетот и имаше многу пофални зборови. CNN направи најава каде што ме нарече „македонскиот вокалист Васил“, Битлси (Пол и Ринго) не само што го подржаа дуетот, туку го ставија и на официјалните платформи како Спотифај“, вели Васил Гарванлиев за CRNOBELO.com, откако преработи песна од Битлси.

Нашиот Васил Гарванлиев во моментов вистински го живее својот музички сон.
Како дел од проектот наречен „Лето на љубовта“ (Summer of Love) на двајцата живи членови на Битлси, Пол Макартни и Ринго Стар, тој направи дуетска преработка на нивната песна All You Need Is Love, која сега може да се слушне и на официјалниот Спотифај канал на бендот.
Во разговор за CRNOBELO.com Васил откри дека му е нереално и е пресреќен со сето ова што му се случува на професионален план, но и дека за него ова е само почеток на големите планови и проекти што ги има.

Како дојде до тоа да преработи песна од Битлси, но и за поддршката од Пол и Ринго, тој ни раскажа:
„Ќе се навратам на една од моите фрази што ги повторувам како расипана плоча „Ништо не е случајно” и тврдам дека само со чиста душа што вибрира љубов и енергија, заедно со многу труд и подготовки, сите врати ќе ти се отворат.
Конечно, после многу долго време, во САД запознав нов, вистински професор по глас, кој од прво слушање во Њујорк ми рече „Не можам да верувам дека светот сè уште не те знае, но мислам дека клуч за тебе е Лиса Меркурио, со која ако се погодите, ќе го освоиш светот“.

Лиса е личноста која како ПР-гуру ги започна кариерите на Андреа Бочели и Гробан, двајца артисти со кои луѓето често ме споредуваат.
Имавме средба и од прва секунда знаев дека таа е личноста за која го ‘орам’ цел свет и поминав низ многу патешествија и лекции, но не се жалам, ни каам, зошто тоа ме направи тоа што сум јас денес - малото дете МАРИОНКА од Струмица, кое ќе се бори цел живот да ја сподели својата приказна и глас низ целиот свет.

Имав еден приватен настап каде што пеев со Дејвид Фостер (мој идол), а диригентот беше маестро Стивен Меркурио (сопруг на Лиса, а во исто време диригент на Бочели и ја води Чешката Национална Симфонија).
На таа оркестарска програма (опера програма со една поп песна) ја запознав Голда Захра, млад сопран, и имавме неверојатна спојка на сцената. Во истиот момент ѝ реков дека имам дует за нас кој го чувам во фиока неколку години (оригинално македонска бадникова песна).
А дека ништо не е случајно, е доказ и тоа што ние двајца се погодивме да соработуваме во ситуација кога Битлси слават Summer of Love и бараaт нова верзија на песните, па токму така се роди All You Need is Love.
