Модата и атмосферата меѓу посетителите на „Глумците пеат“ 2026 (фото)
- Детали
- среда, 25 март 2026
Го посетивме 34-тото издание на „Глумците пеат“ во Скопје и ви пренесуваме дел од атмосферата помеѓу посетителите – Лозано дојде со саканата, а на црвен тепих позираше со Биба Додева, Ирена Спировска пристигна со партнерот, Огнен Јанески е во уникатно модно издание, а модната дама Весна Бруно повторно издоминира.

Вчеравечер се одржа првата вечер од овогодишното издание, 34-то по ред, на манифестацијата „Глумците пеат“, која за првпат се случи во далечната 1992-ра година, благодарение на Марин Бабиќ, чија традиција сега ја продолжија неговите ќерки Маја и Ира.
Актерите уште еднаш покажаа дека се вистински шоумени кои можат да се снајдат во секаква улога на театарската сцена, па дури и како пејачи.
Тие ги отпеаја некои од најголемите македонски хитови, настапите им беа оригинални и забавни со одлична костимографија и кореографија, а меѓусебно се најавуваа со доза на хумор, па во ниту еден момент не беше монотоно и здодевно во публика.
Пред да започне настанот, фоајето на Македонскиот народен театар беше преполно со расположени луѓе кои беа пречекани со пијалак за добредојде и едвај чекаа да уживаат во спектаклот кој подоцна го приредија нашите талентирани актери.
Помеѓу многуте посетители имаше и наши познати личности, меѓу кои Влатко Лозаноски, кој пристигна со својата сакана, а на црвениот тепих позираше со Биба Додева.
Водителката Ирена Спировска дојде со својот партнер, а изгледаше прекрасно во целосно црна модна комбинација.
Модно издоминираа и машките посетители, меѓу кои беа водителот Огнен Јанески, но и модниот дизајнер Андреј Папаз.
Како и на многу други настани, посебно се истакна со својот уникатен аутфит Весна Бруно, стоматолог од Куманово и дама со впечатлив моден стил.
Повеќе фотографии од атмосферата помеѓу посетителите на „Глумците пеат“ 2026:
М. М. | Црнобело
Фото: Александар Ристовски