Успешно полетување, но мали проблеми со тоалетот: Како помина лансирањето кон Месечината? (фото+видео)
Синоќешното лансирање на Артемида 2 помина беспрекорно, а сега, неколку часа подоцна, астронаутите се во орбита на Земјата и спијат. Наредните 24 часа се клучни за мисијата и ако нема никакви проблеми, до следната вечер тие треба да тргнат кон Месечината.

Денес (02.04), околу 35 минути по полноќ, мисијата Артемида 2 беше успешно лансирана од вселенскиот центар Кенеди во Флорида и четворицата астронаути го почнаа историското патување до Месечината.
Во склоп на втората мисија од програмата Артемида на НАСА, тие ќе ја заобиколат Месечината и ќе се вратат на Земјата, а по пат ќе прават разни испитувања за идните мисии од програмата.
Астронаутите Рид Вајзман, Кристина Кох, Виктор Гловер и Џереми Хансен веќе се во орбитата на Земјата, а утре треба да тргнат кон Месечината.
До нашиот сателит ќе патуваат четири дена и се очекува да го заобиколат на 6-ти април. Нивното враќање е планирано за 10-ти април.
Лансирањето помина без проблеми, а по стартувањето на моторите, беа потребни 10-тина секунди за ракетата да полета бидејќи тежи околу 4.500 тони.
За само неколку минути, тие достигнаа брзина од 1.235 километри на час. Ова беше еден од најкритичните моменти во лансирањето бидејќи тогаш најмногу се тестира изджрливоста на ракетата.
Во овој миг, ракетата е на релативно мала височина, каде што атмосферата е уште густа. Но, сепак се движи со огромна брзина, па се создава огромен притисок врз леталото.
Токму поради ова, поминувањето на овој момент беше придружено со многу славење и ракоплескање.
Во наредните неколку минути, од ракетата се одделија неколку делови кои веќе не се потребни, како празните резервоари за гориво, па останува само капсулата Орион во која се сместени астронаутите со неопходните делови.
Околу 50 минути по лансирањето, Орион се искачи повисоко и си ја стабилизира положбата во земјината орбита.
Неколку часа по лансирањето, НАСА сподели дека астронаутите имале проблем со тоалетот, но набрзо потоа открија дека проблемот е решен.
Истакнаа и дека ова е тест мисија, па се очекуваат разни проблеми кои секако дека ќе ги решат.
По неколку изведени тестови (и уживање во надреалната глетка) астронаутите отидоа на спиење.
Ќе имаат само неколку часа сон, а во утринските часови (по американско време) продолжуваат со работа.
Наредните 24 часа ќе бидат клучни за мисијата и ако сè е во ред со капсулата и системите што ги одржуваат во живот, до следната вечер се очекува да тргнат кон Месечината.
Лансирањето можете да го погледнете на видеото во продолжение:
Целата мисија, пак, можете да ја следите во живо на Јутјуб каналот на НАСА - ТУКА е преносот од капсулата, а ТУКА е официјалниот пренос за мисијата, заедно со снимка од контролниот центар.
