Како изгледа животот на астронаутите во минијатурната капсула, на патот до Месечината?
Имаат неколку опции за храна, како оброци со месо и зеленчук кои се дехидрирани. Спијат во вреќи закачени на ѕидот и до крајот на мисијата, четворицата астронаути ќе делат простор од едвај 9 метри кубни.

Долгиот престој во вселената веќе не е нешто невозможно и астронаутите без проблем живеат на Меѓународната вселенска станица (ISS) и по неколку месеци.
Но, ситуацијата е поразлична кога е во прашање капсула која треба да оди на вселенско патување, како капсулата Орион со која четворица астронаути моментално се на пат кон Месечината.
Инженери ја проверуваат капсулата пред лансирањето
За разлика од ISS, капсулата е многу помала, а ресурсите се строго ограничени бидејќи секој килограм плус значи повеќе гориво и покомплицирана мисија.
Астронаутите од мисијата Артемида 2 ќе поминат десет дена во капсулата. Веќе поминаа еден ден во орбитата на Земјата, на 6-ти април треба да ја заобиколат Месечината, а на 10-ти април да се вратат назад.
Четворицата астронаути со капсулата Орион
Па, како изгледа нивниот престој во минијатурната капсула?
Колку е голема капсулата и што сè има во неа?
Капсулата Орион е навистина мала и просторот што им е достапен на астронаутите изнесува околу 9 метри кубни.
Интересно е што капсулата што се користела во мисијата Аполо била уште помала – астронаутите оделе на Месечината во простор помал од 6 метри кубни.
Капсулата е опремена со буквално сè што им е неопходно на астронаутите – храна, место за спиење, тоалет, системи за комуникација, продукти за одржување хигиена, па дури и справа за вежбање.
Внатрешноста на капсулата
Што јадат во капсулата?
Менито на астронаутите е однапред подготвено според нивните потреби, но и нивните вкусови.
Меѓународната вселенска станица веќе има перманентно мени, па храната за астронаутите во Орион е избрана оттука.
Бидејќи е во прашање многу мал простор, изборот е секако многу поограничен.
Оброк во Меѓународната вселенска станица
На пример, тие имаат уред за затоплување на храната, но бидејќи е многу мал, повеќето оброци ќе треба да ги јадат на собна температура.
Исто така, некои намирници кои се наоѓаат на ISS, како конзервирана храна, не се дел од оваа мисија бидејќи се премногу тешки и големи.
Храна во Меѓународната вселенска станица
НАСА го сподели и менито за астронаутите и откри дека има 189 различни намирници, сите спакувани на начин што овозможува да се консумираат во микрогравитација.
Во капсулата има неколку видови пијалаци како кафе, зелен чај и смути. Има и тортилји, кускус, салата со манго, бадеми, неколку видови зготвен зеленчук, неколку оброци со месо, а имаат и додатоци како путер од кикиритки и лути сосови.
