Астронаутите од Артемида 2 безбедно се вратија на Земјата, по патувањето до Месечината
Синоќа, околу два часот по полноќ (по македонско време) четворицата астронаути од мисијата Артемида 2 безбедно се вратија на Земјата. Поминаа над еден милиони километри, но последните 100-тина беа меѓу најкритичните бидејќи надворешноста на капсулата Орион надмина температура од 1.500 степени Целзиусови додека влегуваше во земјината атмосфера.

По десетдневното патување до Месечината, астронаутите Рид Вајзман, Кристина Кох, Виктор Гловер и Џереми Хансен се вратија на Земјата.

Со успешната мисија, тие срушија неколку рекорди, а го поплочија патот и за наредните неколку мисии од програмата Артемида кои вклучуваат слетување на Месечината со екипаж, а потоа и изградба на лунарна база.

Астронаутите беа лансирани на 1-ви април (2-ри април по македонско време), поминаа еден ден во орбита на Земјата, а на шестиот ден од патувањето ја заобиколија Месечината.
Тогаш го срушија рекордот на Аполо 13 од 1970 година – на растојание од околу 400.000 километри, станаа луѓето кои отишле најдалеку од Земјата.
Ја видоа „темната“ страна на Месечината која никогаш не се гледа од Земјата, а направија и низа импресивни фотографии од нашиот природен сателит.
Во наредните неколку денови се подготвуваа за враќањето дома, но и за еден од најкритичните моменти од мисијата – влегувањето во земјината атмосфера.
На десеттиот ден од мисијата, на 120 километри од површината на Земјата, капсулата Орион почна да навлегува во земјината атмосфера со брзина од околу 35.000 километри на час.
Овој критичен дел траеше десетина минути, а надворешноста на капсулата Орион достигна температура повисока 1.500 степени Целзиусови.

Нормално, капсулата е подготвена за овие екстреми услови – има топлотен штит направен од огноотпорен материјал познат како Avocat.
