Уште една успешна мисија – роверот на НАСА „произведе“ кислород од јаглеродниот диоксид во атмосферата на Марс

Уште еден голем чекор за науката. Роверот Perseverance за првпат успеа да произведе кислород од атмосферата на Марс што во најголем дел е составена од јаглерод диоксид. Овој подвиг е од огромно значење, бидејќи значително ќе ги олесни планираните мисии на Марс со човечки екипаж.

ushte-edna-uspeshna-misija-roverot-na-nasa-proizvede-kislorod-od-jaglerodniot-dioksid-vo-atmosferata-na-mars01.jpg

Кислородот е произведен со помош на инструмент на роверот наречен MOXIE (the Mars Oxygen In-Situ Resource Utilization Experiment). Во овој прв обид роверот успеа да произведе околу 5 грама кислород, што би било доволно за непречено дишење на еден астронаут во период од 10 минути.

Инструментот на роверот го произведува кислородот така што ги одвојува неговите атоми од молекулите на јаглеродниот диоксид. Отпадот од процесот е јаглероден моноксид, кој се ослободува во атмосферата на Марс.

02.jpg

Според најавите, НАСА смета дека во идните човечки мисии на црвената планета би можеле да се користат вакви инструменти, наместо да се носат боци со кислород.

Инаку, во атмосферата на Марс доминира јаглеродниот диоксид (CO₂) со концентрација од 96%. Кислородот е застапен во само 0,1% што е далеку помалку од застапеноста во атмосферата на Земјата, каде кислородот е застапен со 21%.

preservance-1.jpg

Во моментов од НАСА ги тестираат различните модули на работа на инструментот, а се очекува дека со него ќе можат да произведуваат и до 10 грама кислород на час.

„MOXIE не е само првиот инструмент што успеал да произведе кислород на друга планета, туку е првата технологија од овој вид што ќе им помогне на идните астронаути да живеат во тамошни услови, користејќи ги елементите од животната средина на таа планета“, вели Труди Кортес од НАСА.

Како што вели таа, во иднина оваа технологија ќе овозможи користење на тамошните елементи за креирање работи што се неопходни, како кислород за дишење и (во комбинација со водород) вода.

mars-fotografii-3.jpg

Кислородот беше произведен само еден ден откако хеликоптерот на НАСА Ingenuity го имаше својот прв успешен лет на Марс, со тоа обележувајќи важен момент од човечката историја.

Летот на хеликоптерот беше прво управување на летало на друга планета направено досега и покажува дека во иднина, научниците ќе можат да ја истражуваат планетата Марс, а веројатно и други планети, со помош на летала управувани од Земјата.

Инаку за денес (четврток 22.04.2021) е закажан нов лет на хелокоптерот Ingenuity. За време на овој втор лет хеликоптерот треба да се крене 5 метри од површината, да се придвижи десно за 2 метри и да направи фотографии.

Б. С. Б. | Црнобело / Фото: NASA

Би можело да ве интересира:

Маск го вгради првиот чип во човечки мозок – Зошто ова е најважно за луѓето со парализа? Луѓето на кои ќе им биде вграден чипот ќе можат со мислите да го контролираат мо...
Нереална убавина! Најдобрите вселенски фотографии од телескопот Џејмс Веб, една година по неговото а... Волшебни галаксии, но и планетите со Сончевиот Систем во поинакво светло – што с...

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg