Историски момент: Хеликоптерот на НАСА го направи првиот успешен лет на Марс (фото+видео)

Вчера, 19 април, хеликоптерот на НАСА го имаше својот прв успешен лет на Марс, со тоа обележувајќи важен момент од човечката историја. Летот на хеликоптерот беше прво управување на летало на друга планета направено досега и покажува дека во иднина, научниците ќе можат да ја истражуваат планетата Марс, а веројатно и други планети, со помош на летала управувани од Земјата.

istoriski-moment-helikopterot-na-nasa-go-napravi-prviot-uspeshen-let-na-mars-foto-video-01.jpg

Хеликоптерот Ingenuity тежи околу 1,8 килограми и се наоѓа во кратерот Jezero, каде што слета прикачен за роверот Perseverance. Неговиот прв лет траеше кратко – околу 40 секунди – а во тој период хеликоптерот се подигна околу 3 метри над површината на Марс. Неколку часа подоцна, од НАСА добија и снимка од летот, направена со помош на камерите на Perseverance.

istoriski-moment-helikopterot-na-nasa-go-napravi-prviot-uspeshen-let-na-mars-foto-video-02.jpg

Од НАСА објавија и фотографија направена од хеликоптерот за време на летот, на која се гледа неговата сенка на марсовската површина.

istoriski-moment-helikopterot-na-nasa-go-napravi-prviot-uspeshen-let-na-mars-foto-video-04.jpg

Иако првиот лет беше многу краток, овој експеримент ги отвора вратите за понатамошно истражување на Марс, а можеби некогаш и други планети, со помош на летала.

За проектот НАСА одвои 85 милиони долари, а технологијата на хеликоптерот демонстрира дека инженерите можат да управуваат со летало на Марс од Земјата. Бидејќи марсовската атмосфера е многу поретка од онаа на Земјата, летањето на хеликоптерот е отежнато. Но, слабата гравитација на Марс надополнува за овој недостаток.

Со хеликоптерот, инженерите од НАСА им оддадоа и почит на браќата Рајт, прикачувајќи мал дел од нивниот авион на перките на хеликоптерот. Браќата Вилбур и Орвил Рајт се најзаслужни за развојот на воздухопловството во последниве 100 години бидејќи тие го направија првиот успешен лет со машина потешка од воздухот – леталото, или авионот Flyer 1. Па, на некој начин, тие се дел и од првиот лет на Марс.

Мисијата на малиот хеликоптер не е да собира податоци и на него нема скоро никаква опрема, освен црно-бела камера за навигација и камера во боја со релативно мала резолуција.

Целта на оваа мисија е да се докаже дека е возможно да се управува со летало на друга планета – нешто што ќе биде од корист во идните истражувања.

Хеликоптерот ќе има уште неколку летови, каде што инженерите ќе се обидат да го кренат на уште поголема висина.

istoriski-moment-helikopterot-na-nasa-go-napravi-prviot-uspeshen-let-na-mars-foto-video-05.jpg

Perseverance, од друга страна, ќе биде како поддршка за мисиите со хеликоптерот, додека си ја врши својата работа и ја истражува површината на Марс.

Примероците што ги собира би требало да се вратат на Земјата околу 2031 година, најверојатно со мисија во која покрај НАСА, ќе учествува и Европската вселенска агенција.

Погледнете и Роверот на Марс си направи селфи + најдобрите фотографии што ги сподели НАСА

Спирова С. | Црнобело

Би можело да ве интересира:

Маск го вгради првиот чип во човечки мозок – Зошто ова е најважно за луѓето со парализа? Луѓето на кои ќе им биде вграден чипот ќе можат со мислите да го контролираат мо...
Нереална убавина! Најдобрите вселенски фотографии од телескопот Џејмс Веб, една година по неговото а... Волшебни галаксии, но и планетите со Сончевиот Систем во поинакво светло – што с...

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg