Историски миг: Пациентка од САД е првата жена излечена од ХИВ – лек на повидок

На 15-ти февруари, тим истражувачи од САД споделија дека (најверојатно) излечиле жена од ХИВ со нова терапија - повеќе од една година, во нејзината крв не се забележува присуство на вирусот. Пациентката е првата жена, а третата личност која досега била излечена од ХИВ.

istoriski-mig-pacientka-od-sad-e-prvata-zhena-izlechena-od-hiv-lek-na-povidok-01.jpg

Тим истражувачи од САД соопштија дека успеале да излечат жена од ХИВ. Досега, пациентката е третата личност и првата жена која била излечена од болеста.

Жената била излечена со нов метод за трансплантација на матични клетки – третман за кој истражувачите веруваат дека ќе може да се користи за десетици пациенти со ХИВ секоја година.

Резултатите од третманот беа споделени во вторникот, 15-ти февруари, на конференција во Денвер, Колорадо.

Бидејќи жената е од мешана раса, на почетокот мислеле дека е невозможно да најдат погоден донатор. Кога се прави трансплантација на матични клетки, обично се користи коскена срж, а повеќето донатори на коскена срж се белци. Што значи, не можат да бидат погодни донатори за лица од други раси.

lek-na-povidok-pacientka-od-sad-stana-tretata-lichnost-no-i-prvata-zhena-izlechena-od-hiv-04.jpg

Но, во случајот со жената била искористена крв од папочна врвца. Според The New York Times, многу полесно е да се најде донатор на крв од папочна врвца отколку донатор на коскена срж.

Истовремено, потребно е помало совпаѓање помеѓу донаторот и пациентот, за разлика од ситуациите кога се донира коскена срж.

Овој третман може да се користи и за лекување рак – жената која била излечена од ХИВ исто така имала и леукемија.

Жената била дијагностицирана со ХИВ во 2013-та, а со леукемија во 2017 година.

Слична е ситуацијата и со првиот излечен маж од ХИВ – Американецот Тимоти Реј Браун. Покрај ХИВ вирусот, Тимоти имал и вид леукемија.

Тимоти добил трансплантација на коскена срж од донатор кој имал ретка генетска абнормалност која го потиснува негативното влијание на ХИВ вирусот.

lek-na-povidok-pacientka-od-sad-stana-tretata-lichnost-no-i-prvata-zhena-izlechena-od-hiv-02.jpg

Експертите веруваат дека по терапиите со трансплантација на матични клетки од коскена срж или крв од папочна врвца, пациентите развиваат имунолошки систем кој е отпорен на ХИВ вирусот.

Додека третманот се покажал успешен кај Тимоти и уште две други лица, сепак бил неуспешен кај низа други. Затоа, експертите се надеваат дека новиот метод што го искористиле кај жената ќе има поголеми шанси за успех.

Според Independent, околу 38 милиони луѓе ширум светот живеат со ХИВ, а околу 73% од нив примаат некаква терапија со која се контролира вирусот.

Сепак, повеќето од нив не можат да добијат трансплантација на коскена срж бидејќи самата процедура е многу ризична. Затоа, се користи само кај пациенти кои имаат и рак и кои повеќе немаат никаква друга опција.

lek-na-povidok-pacientka-od-sad-stana-tretata-lichnost-no-i-prvata-zhena-izlechena-od-hiv-05.jpg

Истражувачите велат дека по трансплантацијата, жената се чувствувала генерално добро, што значи постои можност новиот метод што се користел на неа да биде помалку ризичен од трансплантацијата на коскена срж.

Иако резултатите се објавени дури сега, жената го почнала третманот во 2017 година. Претходно го контролирала вирусот со таканаречени антиретровирусни лекови, а 37 месеци по третманот со крв од папочна врвца, престанала со терапијата со лекови.

14 месеци по прекинување на терапијата, во нејзината крв не се забележува присуство на ХИВ вирусот.

Истражувачите уште не се целосно сигурни зошто крвта од папочна врвца се покажува како мошне ефикасна во третманите за рак и ХИВ, но веруваат дека причината е тоа што е полесно „приспособлива“.

Спирова С. | Црнобело

Би можело да ве интересира:

Маск го вгради првиот чип во човечки мозок – Зошто ова е најважно за луѓето со парализа? Луѓето на кои ќе им биде вграден чипот ќе можат со мислите да го контролираат мо...
Нереална убавина! Најдобрите вселенски фотографии од телескопот Џејмс Веб, една година по неговото а... Волшебни галаксии, но и планетите со Сончевиот Систем во поинакво светло – што с...

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg