Го удри гром додека беше распнат на крстот, има лузни од камшикувањето - Актерот што го глуми Исус помина вистинска голгота
- Детали
- четврток, 13 април 2023
„Четири секунди пред да удри громот беше тишина, а потоа како некој да ме плесна по ушите. Луѓето почнаа да врескаат. Рекоа дека сум имал пламен на левата страна од главата“. Со овие зборови актерот Џим Кавизел го опишува моментот кога го удрил гром додека ја толкувал улогата на Исус Христос, a притоа имал уште неколку повреди во текот на снимањето на филмот.
Актерот Џим Кавизел (54) е познат по улогите во филмовите The Count of Monte Cristo и Passion of the Christ, а самиот вели дека улогата на Исус Христос во вториот филм целосно му го променила животот.
Филмот Passion of the Christ беше објавен во 2004-та година, а предизвика низа коментари и контроверзии заради бруталните, крвави и насилни сцени коишто ги прикажува.
Иако филмот заработи 600 милиони долари и своевремено беше филм со најголема заработка, неговото прикажување не помина без скандали.
До режисерот Мел Гибсон беа упатени голем број критики заради начинот на којшто е прикажано распнувањето на Исус, антисемитизмот, но и заради големиот број несреќи што го снашле актерот што ја толкува главната улога во филмот, Џим Кавизел.