Конфликти, тужби, шлаканици: На сетот на „Очајни домаќинки“ имало повеќе драма отколку во серијата
Тужбата на Николет Шеридан
Ликот на Николет Шеридан – Иди – брзо стана миленичка на публиката. Но, во петтата сезона таа беше избркана, без никаква можност да се врати.
Причината за оваа одлука е конфликтот на Николет со креаторот на серијата – Марк Шери – кој наводно ѝ удрил шлаканица.
Николет поднесе тужба во која тврди дека креаторот не само што ѝ удрил шлаканица, туку на крај ја избркал од серијата бидејќи таа се пожалила за неговото насилно однесување.
Според актерката, на сетот Марк Шери честопати бил агресивен и ги малтретирал сите.
Од друга страна, креаторот тврдеше дека најголем проблем на сетот бил конфликтот меѓу Николет и Тери Хачер и дека во една пригода морал да ги раздели бидејќи сакале да се степаат.
По неколку години влечење по судови, случајот беше откажан.
Затворската казна на Фелисити Хафман
Скандалот со Фелисити Хафман се случи седум години по завршувањето на серијата и главно нема врска со нејзините колешки, но вреди да се спомене.
Актерката помина околу две недели во затвор бидејќи платила мито за ќерка ѝ да биде примена на факултет.
Имено, актерката платила 15.000 долари за резултатите од испитите на ќерка ѝ да бидат сменети, со цел да може да се запише на престижен факултет.
Подоцна актерката изјави дека се кае за прекршокот, но истакна дека морала да ѝ помогне на ќерка си.
Имено, ќерка ѝ имала нарушување што ѝ го отежнувало учењето, па Фелисити била сигурна дека никако нема да биде примена на факултет.
„Сметав дека морав да ѝ дадам шанса на ќерка ми. Должам извинување на академската фела и на студентите и семејства кои жртвуваат многу и работат напорно за да стигнат каде што сакат“.
Имено, Фелисити прво најмила тутор за ќерка ѝ кој по неколку месеци работа ѝ кажал дека нема шанси да биде примена на факултет.
„Кога ми го кажа тоа, му поверував и потоа тој постепено почна да ми ја кажува криминалната шема. И делуваше лудо, но тоа ми беше единствена опција за да ѝ овозможам добра иднина на ќерка ми“.
Нарушување во исхраната
Медисон де ла Гарза, актерката што ја глуми ќерката на Габриел и Карлос (Хуанита), има изјавено дека развила нарушување во исхраната на 7-годишна возраст поради серијата.
Во речиси секое нејзино појавување во серијата, има по некоја шега за нејзиниот изглед. Ова, пак, ја направило мета на вакви шеги и во реалноста.
Медисон првпат се соочила со негативни коментари на само седум години, па почнала да се изгладнува.
„Реакциите што ги добивав за мојата улога беа шокантни. Многу луѓе ми велеа дека биле ’загрижени за моето здравје‘. Јас не верувам дека тоа е вистина и дека само им беше изговор за да осудуваат мало девојче.
Со часови ги читав овие коментари и повеќето беа злобни. Некои пишуваа дека сакале да умрам поради мојот изглед. Беше ужасно. Тогаш имав 7,8 години.
Читањето на овие коментари имаше влијание врз моето ментално здравје и, на крај, имаше удел во моето нарушување во исхраната.
Целата шега за мојот лик беше дека Ева Лонгорија е слаб, убав модел, а нејзината ќерка е сосема спротивното“.
Спирова С. | Црнобело
Би можело да ве интересира:





