И по 3 години, Шакира ја боли неверството на Пике, но првпат го пофали јавно - Зошто е спремна да сврти нов лист?
- Детали
- четврток, 04 декември 2025
„Заздравувањето на раните е нешто што трае многу години. Сфатив дека можеш да почувствуваш радост и додека носиш болка во себе, дека живееш со рана што не може да се излечи“, вели пејачката која и по 3 години живее со болката од неверството на Жерар Пике.

Кога во 2022 година Шакира и Жерар Пике се разделија по 12 години врска, јавноста го опиша нивното раскинување како едно од најтурбулентните и „највалканите“ во светот на познатите личности, па застана на страната на пејачката и го осуди фудбалерот за неверството.
Шакира, пак, беше толку многу повредена, што напиша неколку песни во кои ги исмева и навредува поранешниот партнер и неговата нова девојка, а на крајот, за да побегне од него, се пресели во Мајами, каде што сега живее со синовите.

Таа многупати во своите интервјуа велеше дека е повредена и лута и дека не може да му прости на Пике што ја изневери со помладата Клара Чија Марти.
Шакира истакнува дека пред многу години се преселила во Барселона поради Пике, каде што речиси никого не познавала, била посветена на нивното семејство, имала лош однос со неговата мајка, често ја ставала кариерата на пауза за да биде со децата додека тој патувал со клубот и репрезентацијата, а на крајот ја предал со неверството.
Болката била уште поголема бидејќи, според неа, „Пике ја предал додека нејзиниот татко бил болен“.

Но, по три години, во интервју, кое Шакира го даде во емисијата Por el mundo, таа покажа дека е подготвена да сврти нов лист.
На изненадување на јавноста, таа го пофали својот поранешен партнер и по долго време кажа убав збор за него.

Таа во интервјуто зборува за тоа колку се дисциплинирани нејзините синови Милан и Саша, велејќи дека тоа не е само нејзина заслуга, туку и дека Пике е добар пример за нив.
„Нивниот татко, да бидеме искрени, е многу дисциплиниран. Не можете да успеете во ниедна професија без дисциплина, тоа е основата.
Тие знаат дека нема друг начин. Ако треба да се појавиш некаде - вежбаш. Ако имаш испит - учиш. Тоа е тоа. За такви работи не се преговара“, кажала колумбиската пејачка.

Таа признала и дека сè уште се опоравува од раскинувањето, но дека мора да сврти нов лист, за да ѝ биде добро на неа, но и на децата и дека тие се причината поради која мора да оди гордо напред.
„Заздравувањето на раните е нешто што трае многу години. Сфатив дека можеш да почувствуваш радост и додека носиш болка во себе, дека живееш со рана што не може да се излечи.
Како да си на забава, те болат нозете, но сепак продолжуваш да танцуваш. Сепак, време е да се посветам на себе и да бидам уште подобра мајка на Милан и Саша“ - рекла таа.
А. Ј. | Црнобело
