Џеси Џеј итно пренесена во болница со инфекција и течност во белите дробови, 6 недели по операција за рак на градите
- Детали
- понеделник, 04 август 2025
„6 недели по операцијата повторно сум на истото одделение каде што бев постоперативно. Неочекувано и непланирано. Имав симптоми кои упатуваа кон згрутчување на крвта во белите дробови“ - вели пејачката која пред месец и пол имаше операција за отстранување на рак на градите.

Британската пејачка Џеси Џеј (37) откри дека била итно пренесена во болница со течност во белите дробови и инфексија, само 6 недели откако ѝ беше направена операција за отстранување на рак на градите.
Пејачката и понатаму закрепнувала од операцијата, кога почувствувала влошување на состојбата, по што лекарите ѝ откриле инфекција и течност во белите дробови.

Таа на Инстаграм објави фотографија со канила за инфузија во раката и призна дека опоравувањето од операцијата е „најтешкиот период од нејзиниот живот“.
„Како ги поминав последните 24 часа. 6 недели по операцијата повторно сум на истото одделение каде што бев постоперативно. Неочекувано и непланирано.
Имав и сè уште имам симптоми кои упатуваа кон згрутчување на крвта во белите дробови. Фала му на Бога, не е згрутчување!

Ми направија многу тестови и се покажа дека е инфекција (пробуваат да откријат каква) и имам малку течност во белите дробови.
Тешко ми е да дишам, но мразам болници па самата се „отпуштив“ и си заминав дома, но ќе продолжам со третманите и испитувањата како надворешен пациент“, вели пејачката.

Таа додала и дека сè уште не е целосно опоравена по операцијата, а новата ситуација само ѝ покажала дека мора да подзапре и да се грижи за себе и физички и психички.
За потсетување, Џеси Џеј во јуни јавно откри дека има рак на градите и дека веднаш ќе оди на операција за негово отстранување.

По операцијата, пејачката кажа дека ракот не е целосно отстранет и дека нејзината борба за да го победи продолжува.

А. Ј. | Црнобело