Се вљубил во неа пред да ја запознае, му требале 10 години да ја освои - Љубовната приказна на Штефи Граф и Андре Агаси
- Детали
- недела, 13 јули 2025
„Нашите тренери договорија тренинг во 1999-та, а јас се запрашав: 'Зошто сака да тренира со мене? Тој е оженет, јас имам дечко'. Ми беше малку збунувачко. По тренингот најдов букет рози во хотелската соба со прекрасно писмо. Имавме краток разговор каде што му кажав дека сум во врска и дека знам дека е во брак. Немав поим дека поминува низ фаза на развод“ - рекла Штефи за нивните почетоци.

Љубовната приказна на поранешните тенисери Штефи Граф и Андре Агаси е една од најубавите во светот на спортот.
Во брак се 24 години, а се заљубиле во време кога Андре се разведувал, а Штефи имала дечко.
Според Андре, најтешкиот „трофеј“ што го освоил во животот било срцето на неговата сопруга.
Тој во една пригода признал дека во Штефи се вљубил уште пред да ја запознае.
„Се заљубив во Штефи во моментот кога првпат ја видов во интервју на француска телевизија. Бев воодушевен од нејзината ненаметлива грациозност, нејзината убавина...
Се обидов да ѝ испратам порака по Отвореното првенство на Франција во 1991 година, но таа не одговори“ - пишува Андре во својата автобиографија од 2009 година „Open“.
Иако долго време се обидувал да стапи во контакт со неа, добил одлична можност за тоа во 1992 година, кога двајцата го освоија Вимблдон.
Според традицијата, по турнирот се одржува бал, каде победникот во машка конкуренција танцува со победникот во женска конкуренција.
Иако Андре бил многу возбуден и едвај чекал да оди, танцот бил откажан.
„Навивав да се откаже. Никогаш не научив да танцувам правилно... Не се радував на тоа“ - рекла своевремено Граф.
Но, тие сепак се сретнале за да позираат со своите трофеи. А кога се ракувале, Андре ја искористил својата шанса.
„Ѝ реков дека навистина би сакал некогаш да разговарам со неа. Не ми одговари.
Само се насмевна, со енигматична насмевка, поради што не можев да кажам дали е среќна поради тоа што ѝ го кажав или е нервозна“ - се присетил Агаси во својата книга.
Но, тие продолжиле со своите животи, а во меѓувреме Андре Агаси се ожени со актерката Брук Шилдс.
Интересно е што Брук пред венчавката со Андре во 1997-ма, на својот фрижидер залепила фотографија од Штефи, за да се мотивира со „глетката на совршените нозе“, без да знае за чувствата на својот иден сопруг.
