Пропаста на Вил Смит, по легендарната шлаканица на Оскарите: Жали што не си ги воспитал децата, изгуби пари и фанови
- Детали
- сабота, 30 август 2025
По шлаканицата што му ја удри на Крис Рок во 2022 година, кариерата на Вил Смит се движи строго во надолна линија. Сними филм за кој не слушна никој, издаде албум од кој не успеа да продаде ни 500 копии во првата недела, а сега, пак, објави видео од негов концерт во кое публиката е генерирана со AI.

Во 1990-тите и раните 2000-ти, немаше поголема ѕвезда од Вил Смит.
По улогата во Fresh Prince of Bell-Air но и франшизата Men in Black, актерот беше сеприсутен – дури и на музичката сцена.
Како музичар, има освоено четири Греми награди, но и други важни признанија, а како актер успеа да допре и до Оскар за улогата во King Richard.
Но, иако многупати докажа дека не му недостасува талент, изминативе неколку години, Вил Смит никако не може да излезе од калта.
И, сè почна со шлаканица.
Сигурно се сеќавате на инцидентот на Оскарите од 2022 година, кога Крис Рок кажа шега на сметка на Џејда Пинкет Смит, по што актерот стана и му удри шлаканица.
Иронично, истата ноќ тој го освои првиот (и веројатно последниот) Оскар во кариерата, за улогата во филмот King Richard.
Подоцна актерот јавно се извини, истакнувајќи дека неговото однесување било неприфатливо и дека навистина жали, но штетата веќе беше направена.
Инцидентот се одрази на репутацијата на актерот, но и на неговата кариера.
Истата година актерот го издаде филмот Emancipation, но филмот се прикажуваше во само неколку кина и тоа многу краток период, па речиси веднаш се најде на стриминг платформите.
Низ годините, Вил и Џејда успеаја да напраат империја и имаат и продукциска компанија, Westbrook, која планираа да ја продадат за скоро милијарда долари.
Но, по инцидентот, компанијата почна да пропаѓа, се јавија проблеми меѓу вработените, па актерот отпушти дури 35 вработени и не успеа да ја продаде.
Овој период на виделина почнаа да излегуваат и брачните проблеми на Вил и Џејда.
Уште пред шлаканицата, беше познато дека имаат отворен брак, а се дозна и дека Џејда имала афера со другар на син им Џејден.
Во 2023-та, Џејда отворено зборуваше за аферата, а кажа и дека всушност веќе не се заедно со Вил. Но, не се разведувале поради огромните трошоци.
„Не се нарекуваме сопруг и сопруга уште од 2016 година“, сподели Џејда во интервју.
Со ова, репутацијата на актерот претрпе уште еден удар.
Сепак, актерот не се откажуваше, па минатата година се појави во нов филм – Bad Boys: Ride or Die – кој доби позитивни критики, но и заработи скоро половина милијарда долари.
Актерот откри и дека планира да направи римејк на празничниот Planes, Trains and Automobiles што можеби ќе му помогне да си ја спаси кариерата.
Но, ова не значи дека неговите проблеми завршија.