Најмладиот победник во историјата, Лабубу на црвениот тепих: Вирални моменти од Еми 2025 + најзабавните твитови
- Детали
- понеделник, 15 септември 2025
„Имам двојно повеќе години од Овен Купер, а единствено нешто што имам освоено се бесплатни билети за кино“, гласи еден од многуте коментари за победата на 15-годишниот актер од Adolescence, кој синоќа стана најмладиот машки актер што освоил Еми награда.

Синоќа (14.09) се одржа 77-то издание на Еми наградите кои се сметаат за најважен настан во ТВ индустријата.
На церемонијата се наградуваат најдобрите телевизиски проекти од изминатата година, а на самиот настан присуствуваат некои од најголемите имиња во индустријата.
Годинава бројни нови серии освоија статуетка, а ѕвезда на ноќта дефинитивно беше Овен Купер од Adolescence кој на 15-годишна возраст стана најмладиот машки актер кој освоил Еми награда.
Како помина доделувањето?
Еден од најкритикуваните моменти од настанот беше „мерачот на должина на говори“. Како и на секој сличен настан, победниците држат говор додека ја прифаќаат наградата и некогаш овие говори се долги.
Па, на годинешното доделување на Еми наградите имаше тајмер кој ја мереше должина на говорите, поврзан со пари за донација.
Почетната сума за донација беше 100.000 долари, а секојпат кога некој победник држеше говор пократок од 45 секунди, на сумата се додаваа по 1.000 долари. Но, ако нечиј говор е подолг од 45 секунди, се одземаа по 1.000 долари.
Голем дел од јавноста го оцени овој момент како невкусен.
Познатиот водител Стивен Колберт беше еден од презентерите на настанот, а неодамна неговата емисија Late Show беше откажана. Најиронично беше што синоќа освои Еми награда токму за тоа шоу.
Кога застана на сцена, доби овации од публиката во знак на поддршка, а и самиот се пошегува за откажаното шоу:
„Си го донесов и резимето, но немав време да ставам нова фотографија од мене“.
Секако, еден од моментите што ја одбележа церемонијата е победата на Овен Купер кој освои Еми награда на само 15 години, и тоа со првата улога во својот живот.
„Вечерва е доказ дека ако слушате, ако се фокусирате и ако излезете од вашата зона на комфор, можете да постигнете што било во животот. Пред три години бев никој и нешто, денес сум овде“.
На сцената се појавија актерките Лорен Греам и Алексис Бледел од Gilmore Girls, па се пошегуваа за малиот буџет што го имале за време на снимањето, но и за фактот дека серијата стана омилена за во есен.
Нивното обединување беше по повод 25-тата годишнина од премиерата на култната серија.
„Пред 25 години, премиерно беше прикажана серијата Gilmore Girls и изгледа ја држи есента во заложништво. И покрај тоа што доминира наесен, Gilmore Girls беше мошне мала серија. Односно, немавме пари.
Ако имаше роденден на сетот на друга серија, ни ја испраќаа тортата што им останала. Изгледавме како да гладуваме“.
На црвениот тепих, пак, најмногу внимание привлекоа ријалити ѕвездите Кори Кинг и Џоела од RuPaul’s Drag Race, кои се појавија облечени како Мајкл Џексон и Лабубу куклата.
Еден од презентерите беше легендарната Џенифер Кулиџ која го засени и водителот на настанот.
Во својот говор, Џенифер се пошегува за популарниот лек Оземпик кој се користи за слабеење и за тоа како е да се освои Еми наградата.
За потсетување, Џенифер лани освои награда за улогата во The White Lotus.
„Само сакам да кажам, од искуство, победата не е тоа што мислиме дека е. Мислев дека навистина се зближив со другите номинирани, но сигурна сум дека потоа ме избришаа од групниот чет…
Требаше да одиме на Ибица, но јас бев исклучена од патувањето. Мислам дека причината е тоа што јас и Елизабет Дебики имаме ист дилер за Оземпик. Но, барем кај неа функционира“.
Еден од посмешните моменти во публиката беше кога Кејт Бланшет и Џејк Џиленхол разговараа наведнати, за да не се појават во фотографијата на Селена Гомез, Бени Бланко и Стив Мартин.