„Ме следеа папараци до дома“: Обични луѓе кои биле во врска со славна личност споделуваат (лоши) искуства
- Детали
- среда, 19 ноември 2025
„Излегував со холивудски актер. Еднаш ме однесе на забава со славни личности и… си замина од забавата со друга актерка“.

Во тинејџерските години, ретко кој немал симпатија меѓу познатите личности.
Без разлика дали актер или пејач, скоро сите сонувале за љубов со својот идол.
Некои луѓе имале можност да бидат во врска со славна личност – некои дури и останале заедно, како Мет Дејмон и сопругата Лусијана.
Но, повеќето изгледа имале лоши искуства.
На Редит, неколку корисници ги споделуваат своите искуства од врска со славна личност:
„Излегував со холивудски актер. Еднаш ме однесе на забава со славни личности и… си замина од забавата со друга актерка. Но, тогаш запознав многу славни личности и искрено не ми беше гајле“.
„Излегував со не многу познат актер и досега не сум сретнала толку несигурна и нарцисоидна личност.
Навистина се грижев за него, но не можев да поднесам што сакаше постојано да биде во центарот на вниманието“.
„Имав дечко актер кој немаше некои добри улоги. Беше харизматичен и згоден, но не можеше да најде работа, па беше огорчен. Но, се грижев за него, до тој степен што му давав пари за сметки и слично.
Бев глупава. Ме искористи и сега е со друга, многу помлада жена на која ѝ го прави истото“.
„Беше познат хокеј играч. Излегувавме околу осум месеци, па дури и се свршивме. Но, јас му раскинав бидејќи фатив дека животот со него ќе ме полуди“.
„Не беше славна личност, но беше продуцент на многу познат филм. Досега не сум сретнала похаризматичен маж. Мошне интелигентен и забавен.
Но, беше опседнат со секс, а и ми купи многу скап подарок уште на вториот состанок. Престанав да излегувам со него бидејќи ми беше премногу“.
„Имав дечко кој не беше многу славен, но имаше многу познат родител. Беше супер во кревет и уживав во тоа, но не добивав друго внимание. Не излегувавме на вечера или на пијачка, не сакаше да го видат со мене во јавност…
Ќе дојдеше кај мене, ќе се пожалеше за сите проблеми, како да сум му терапевт бидејќи не можеше да му верува на никој друг. По некое време ми се смачи и престанав да му одговарам на пораките“.
„Излегував со мошне познат актер. Меѓу нас имаше огромна возрасна разлика – толку голема што не ни знаев за неговата историја со други жени. Ме имаше по таблоиди, ме следеа папараци, а тогаш бев многу млада.
Но, целото внимание ми создаде проблеми на работа, ме отпуштија, а јас немав како да се одбранам. Тој имаше и проблеми со зависност.
Беше тешко и не би му посакала таква врска на никој. Но, барем имам луди приказни за раскажување“.
„Сум била во врска со неколку познати спортисти. Сите беа ужасни луѓе. Тој период не размислував реалистично и сакав богат партнер, но сфатив дека е пренапорно“.
Спирова С. | Црнобело
