Вирално видео: Џастин Бибер му помага на непознат маж на кој му се расипал автомобилот среде автопат
- Детали
- петок, 21 ноември 2025
„Можеби халуцинирам, но Џастин Бибер само што застана да ми помогне“, вели маж чиј автомобил се расипал среде автопат. Видеото од средбата со пејачот има над седум милиони прегледи на ТикТок.

Изминативе неколку месеци многу повеќе се зборуваше за проблематичното однесување на Џастин Бибер отколку за неговата музичка кариера, но изгледа пејачот постепено се враќа на вистинскиот пат.
Во неколку наврати и самиот спомна дека периодов се соочувал со проблеми, а сподели и дека е свесен за своите грешки.
Неговите фанови сметаат дека Џастин, кој се прослави во тинејџерките години, е само жртва на забавната индустрија и сега пробува да се справи со тоа.
Некои велат дека пејачот само сака „нормален“ живот, настрана од целото внимание што го добива.
А, дека навистина не е лоша личност покажува и ново вирално видео.
На ТикТок видео споделено од корисник кој се потпишува како Buku, се гледа како Џастин му помага откако му се расипал автомобилот.
„Кога ќе ти се расипе автомобилот А се трудиш толку многу во животот. Тешко е“, пишува на почетокот од видеото.
Младиот маж што снима вели дека се преселил во „големиот град“ и само пробувал да успее како и секој друг, но автомобилот му се расипал среде автопат.
Во краток инсерт се гледа и отворената хауба на неговиот автомобил, пред мажот да открие дека на помош му дошол никој друг, туку Џастин Бибер.
„Можеби халуцинирам, но Џастин Бибер само што застана да ми помогне. Не знам“, вели мажот.
Потоа мажот го прашува пејачот дали навистина е Џастин, на што тој му потврдува.
Со широка насмевка, мажот му вели дека го сака, а Џастин го прашува што е проблемот и накратко се појавува во кадар. Потоа мажот ја исклучува камерата.
„Ти благодарам за молитвата и за добрата енергија Џастин Бибер“, пишува на крајот од видеото.
@bukumusic Meeting Justin Bieber 🫶🏽 Unforgettable moment… #justinbieber #godlovesyou
♬ original sound - Buku
Видеото има над седум милиони прегледи, а во коментари корисниците имаат само пофалби за добрината на актерот.
„Навистина е слатко што застанал да ти помогне и што кажал молитва со тебе“.
„Бог буквално ти го испратил Џастин Бибер“.
„Се гледа дека само сака нормален живот“.
„Му покажа многу почит што престана да снимаш“.
„Мислам дека Џастин Бибер е добра душа која поминала низ премногу. Се надевам дека ќе биде среќен, здрав и на сигурно“.
Некои, пак, велат дека не очекувале навистина да го видат Џастин и мислеле дека мажот само се шегува.
Инаку, ова не е прво добро дело на пејачот за коешто се зборувале.
Тој има донирано во низа добротворни организации, а фотографиран е и како им дава пари на бездомници и како разговара со нив.
Спирова С. | Црнобело