„Ми недостасуваат актерките со вистински лица, без ботокс, кои не личат една на друга“
- Детали
- недела, 04 јануари 2026
„Ми недостасуваат вистинските лица на екраните. Денес очекуваме актерките да изгледаат како супермодели“, вели девојка во виралното ТикТок видео во кое ги критикува модерните актерки кои, според неа, веќе се идентични поради пластичните операции и третманите за разубавување.

Третманите за разубавување и подмладување како ботокс стануваат норма. Но, изминативе неколку години се многу повоочливи кај холивудските актерки, особено повозрасните.
Веќе голем дел од јавноста коментира дека актерките почнуваат премногу да личат една на друга и дека постепено „изумира“ природната и уникатна убавина.
Девојка во ТикТок видео го коментира овој феномен, а во описот на објавата вели:
„Mи недостасуваат вистински лица на екраните“.
Во виралното видео, кое веќе има над седум милиони прегледи, девојката прво го покажува лицето на актерката Карен Алис од филмот Scrooged од 1980-тите.
„Ова е нејзиното вистинско лице. Ова е вистинско, има брчки околу очите кога се смее… Mислам дека има убава насмевка“.
Потоа девојката покажува колаж од стари фотки од познати актерки, како Мерил Стрип, Дајен Китон и Сигурни Вивер.
„Овие жени имаат некои од најплодните актерски кариери на сите времиња. И, сите изгледаат како вистински луѓе“.
Потоа девојката покажува колаж од неколку помлади актерки и славни жени кои се актуелни сега, како Меган Фокс, Линдзи Лохан и Џена Ортега.
Сите жени на колажот имаат полни усни, мали носови и истакнати јаболкници. Односно, веќе почнуваат да личат идентично.
Девојката вели дека сега пластичните операции се толку нормализирани, што не ги ни забележуваме сè додека не направиме споредба со изгледот на актерките од 1980-тите.
„Денес очекуваме актерките да изгледаат како супермодели, додека во минатото моделите беа модели, а актерките беа актерки“.
Девојката истакнува дека во минатото актерките станувале познати поради нивниот талент, без разлика дали ги исполнувале стандардите зa убавина што преовладувале тогаш.
„Нашите лица се нашите приказни. Тоа е она што им го пренесуваме на генерациите. И, ако вашето лице не може да се движи и изгледате како сите останати, тогаш каква приказна раскажувате?“
Видеото предизвика дебата во коментари и некои велат дека истото почнува да им се случува и на мажите.
На пример, Бредли Купер и Рајан Гослинг во последно време навистина изгледаат чудно, веројатно поради третмани за подмладување.
Други, пак, велат дека им недостасуваат природните заби на луѓето бидејќи веќе сите имаат совршена холивудска насмевка.
Некои велат и дека почнале повеќе да гледаат англиски филмови и серии, бидејќи за разлика од холивудските, таму актерките изгледале поприродно.
„Ми недостасуваат човечки лица. Со човечки заби и човечки брчки од смеење“.
„Мислам дека само сакаат да бидат славни, а не актери“.
„Изгледа дека пластичните хирурзи користат еден шаблон за сите“.
„Мене ми е најсмешно кога гледам филм или серија сместени во минатото, а сите актерки имаат филери“.
„Искрено веќе не можам да ги разликувам Линдзи Лохан и Меган Фокс кога имаат иста боја на косата“.
„Сметам дека актерите треба да имаат природни лица бидејќи микроекспресиите на нивните лица се важен дел од глумата“.
Што мислите вие за овој тренд во Холивуд?
Спирова С. | Црнобело