Им се родило мртво дете, па загинала во сообраќајка: Трагичната љубов на Кијану Ривс и Џенифер Сим
- Детали
- недела, 15 февруари 2026
Кијану Ривс и Џенифер Сим почнале врска во 1998-ма. Околу една година подоцна, таа забременила, но нивната ќерка се родила мртва. Поради трагедијата се разделиле и додека Кијану се надевал дека ќе ѝ дадат уште една шанса на врската, Џенифер загинала…

Кијану Ривс веќе неколку години е во среќна врска со Александра Грант.
Актерот отсекогаш си ја ценел приватноста, па дури и со Александра е реткост да бидат видени заедно во јавност.
Впрочем, тој бил таинствен за својот љубовен живот долго пред да ја почне врската со Александра.
И, некои веруваат дека ова се должи на негова врска од минатото која заврши со трагедија.
Детали за врската на Кијану Ривс и Џенифер Сим:
Животот на Кијану бил далеку од лесен. Во 1993 година, тој го изгуби неговиот близок пријател – Ривер Феникс.
Ривер, кој му беше брат на Хоакин Феникс, почина од предозирање на само 23-годишна возраст.
Кијану тешко се справувал со смртта на пријателот, па одел на терапија, а почнал и повеќе да се посветува на музиката.
Бил дел од бендот Dogstar, а на нивен настап во 1998 година ја запознал Џенифер Сим.
Како Кијану, и Џенифер била дел од индустријата, а во 1997 година соработувала со Дејвид Линч на Lost Highway.
Привлечноста меѓу актерот и Џенифер била повеќе од очигледна, па почнале врска.
Не се венчале, но набрзо почнале да живеат заедно, а околу една година од почетокот на врската, Џенифер останала бремена.
Бидејќи и двајцата имале тешко минато, верувале дека новиот член на семејството ќе им помогне да изградат убав живот.
И, работите навистина оделе во добра насока за Кијану. По успесите во Speed и Devil’s Advocate, Кијану ја добил главната улога во The Matrix – филмот што ќе го направи светски познат.
Но, на 24-ти декември 1999 година, додека бил на снимање, ќерката на Кијану и Џенифер се родила мртва.
Тие веќе имале избрано и име за неа – Ава.
Но, трагедијата го означила крајот на врската на Кијану и Џенифер.
Актерот почнал да се фокусира само на работата, а Џенифер добила дијагноза за постпородилна депресија. И, сфатиле дека нема да можат да продолжат заедно.
Сепак, како што откриваат извори блиски до актерот, тој не престанал да ја сака Џенифер и се надевал дека кога-тогаш, кога барем малку ќе научат да се справуваат со тагата, ќе можат да ѝ дадат нова шанса на врската.
Но, тој ден не дошол никогаш.
