Од фудбалска ѕвезда, до затвор во Парагвај за фалсификувани документи: Што се случи со Роналдињо?
- Детали
- сабота, 25 април 2026
Во 2020 година, Роналдињо беше уапсен за поседување фалсификуван парагвајски пасош. Помина извесен период во затвор во Парагвај и иако беше ослободен, целата приказна до денес е матна.

Роналдињо беше толку познат, што го знаеја и луѓе кои воопшто не ги интересираше фудбал.
46-годишниот Бразилец многупати испиша историја на фудбалскиот терен, а му се восхитуваа и оние кои не навиваа за клубовите во коишто играше.
Тој се пензионира во доцните 30-ти, но само три години подоцна, заврши зад решетки каде што го дочека и неговиот 40-ти роденден.
Роналдињо беше во затвор во Парагвај, заедно со неговиот брат, а беа обвинети дека користеле лажни лични документи, вклучувајќи и лажни пасоши.
Роналдињо и двајцата мажи беа уапсени во 2020 година, поминаа еден месец во затвор, а потоа уште четири месеци во домашен притвор.
Но, овие четири месеци не беа дома, туку во хотел во престолнината на Парагвај – Асунсион.
Неодамна на Нетфликс премиерно беше прикажан документарец во кој Роналдињо вели дека апсењето било најлошото искуство во неговиот живот.
Роналдињо и неговиот брат до денес тврдат дека се невини, а за тоа како допрел до лажен пасош, фудбалерот вели:
„Зошто го имав пасошот? Ми беше даден.
Бев заглавен во ситуација и покрај тоа што немав направено ништо погрешно. Беше ужасно“.
Целата ситуација е навистина бизарна бидејќи пред сè, Роналдињо важи за една од најпознатите личности во светот.
И, секој знае дека е од Бразил, а не Парагвај. Истовремено, на Бразилците воопшто не им треба пасош за да отидат во Парагвај, па беше нејасно која е поентата на лажниот пасош.
Иако на крај обвиненијата против Роналдињо и брат му беа повлечени, тие сепак отслужија казна, но добија и парична казна од над 150.000 долари.
„Патувањето (до Парагвај) беше важно, а сè се случи многу брзо. Му верувавме на некој, а тој не си го одржа зборот.
Сето она што се случи беше лудо. Не ни помислувавме дека може да ни се случи нешто такво“, раскажува фудбалерот.
Во март 2020 година, Роналдињо и неговиот брат слетале во Парагвај и наводно веднаш отишле во ВИП соба каде што се сретнале со двајца бизнисмени.
Овде им биле дадени документите, па тие отишле на безбедносната проверка на аеродромот.
Не е јасно зошто бизнисмените им дале пасоши и зошто Роналдињо и брат му ги зеле, ниту зошто ги покажале на пасошката контрола.
Пасошите биле издадени два месеца претходно, во име на две жени од Парагвај.
Но, сега на нив стоеле имињата и фотографиите на Роналдињо и брат му.