Од Казахстан директно на симит во Чаир - Елмас, Зајков и Ашковски ја прославија победата на Македонија
- Детали
- вторник, 10 јуни 2025
Македонската фудбалска репрезентација вчера на гости го победи тимот на Казахстан со 1:0, а по враќањето дома, тројца наши фудбалери прославија на оригинален начин - со симит погача во Чаир.

Вчера попладне се одигра натпреварот Казахстан - Македонија, кој заврши 1:0 со голот на Александар Трајковски, а по што нашата репрезентација се зацврсти на првото место на табелата во групата J.
Натпреварот почна во 16 часот по наше време, во главниот град на Казахстан, Астана. А по завршувањето, нашите фудбалери се вратија веднаш дома.

И наместо на пијалак или во познат ресторан, Елиф Елмас, Жоко Зајков и Стефан Ашковски, решија да прослават на оригинален начин - со симит погача од фурна во Чаир.

Елмас сподели фотка на Инстаграм Стори, па напиша: „Од Казахстан на симит“, со македонското знаме како емотикон на фотката.

Тројцата репрезентативци се насмеани и среќни, задоволни не само поради победата против Казахстан, но и по одличниот натпревар со Белгија во Скопје на 06.06, кога одиграа нерешено 1:1 на арената „Тодор Проески“.

По успешниот викенд, репрезентацијата останува на првото место на табелата со 8 бода и 4 одиграни натпревари.

Ова беше и десетти натпревар на Македонија без пораз во низа.
А. Ј. | Црнобело / фото: ФФМ