Македонка за искачувањето на Кајмакчалан: „Имаше магла, скијачи ни побараа број за безбедност“
- Детали
- вторник, 24 февруари 2026
„Двајца млади планинари, Калина Велевска и Александар Миновски, тргнаа со љубов кон планината, со сон во очи и со желба да го доживеат врвот. Но, суровата зима, студот и непредвидливата сила на Ниџе ја одзедоа нивната иднина во 2018-та година“, се сеќава планинарката Маја Дукова и детално сподели како изгледало искачувањето на Кајмакчалан.

Маја Дукова е наша планинарка која неодамна воодушеви со фотките кога се искачи на Царев Врв, една од повисоките планински точки во Македонија, а сега таа повторно беше на планинарски подвиг, овојпат на Кајмакчалан.
Кајмакчалан (познат и како Ворас) е планински врв, со 2.521 метри надморска височина, на границата меѓу Македонија и Грција.
Се наоѓа во планинскиот масив Ниџе, a врвот лежи точно на државната граница меѓу двете земји.

Од македонска страна најчесто се пристапува од регионот на Битола и од селото Скочивир (Мариово) и е трет највисок врв во Македонија. Но, поголемиот дел од планинарите го искачуваат од грчка страна.
Инаку, Кајмакчалан е познат по жестоките борби за време на Првата светска војна (1916 година), особено меѓу српската и бугарската војска.

Но, ние, за жал најмногу го помниме како местото на кое ги изгубивме нашите планинари Калина Велевска и Александар Миновски во 2018-та година.
Маја Дукова за искачувањето на Кајмакчалан вели:
„Кајмакчалан не е само планина.
Тоа е сведок на историја, на храброст, на љубов кон дивината, но и на загуба.

На овие падини, пред повеќе од век, илјадници животи беа изгубени во Првата светска војна. Солунскиот фронт остави траги кои ветровите и снегот никогаш не ги бришат.
Планината ја памети секоја жртва, секој паднат чекор, секој човек што се борел со своите граници.
А пред неколку години, Кајмакчалан повторно потсети на својата моќ и суровост.
Двајца млади планинари, Калина Велевска и Александар Миновски, тргнаа со љубов кон планината, со сон во очи и со желба да го доживеат врвот. Но суровата зима, студот и непредвидливата сила на Ниџе ја одзедоа нивната иднина.
