Децата ги води на патувања, сопругата на модни ревии - Како живее денес Роџер Федерер, најбогатиот „пензионер“ на светот?
- Детали
- недела, 31 мај 2026
Федерер живее многу помирно отколку за време на неговата професионална кариера, а наместо на секојдневни тренинзи и патувања, тој е фокусиран на семејството, на заедничките патувања и хобија. Како го поминува времето еден од најдобрите тенисери на сите времиња откако се пензионираше?

Поранешниот швајцарски тенисер, Роџер Федерер пред неколку години стави крај на својата професионална кариера, а во 2026 година и официјално се најде на листата на Forbes со најбогатите милијардери.
Ова, официјално го направи Федерер еден од најбогатите пензионери во светот.

Федерер стана милијардер благодарение на комбинацијата од спортски успеси, спонзорски договори и деловни потфати.
Тоа што од годинава е на листата најбогати луѓе во светот, само го продолжи трендот на неа да се најдат спортисти кои создаваат богатство преку претприемништво и деловни вложувања, покрај играчките кариери.

Па, како ги поминува Федерер пензионерските денови, откако тенисот и турнирите не му се во фокусот?
По крајот на кариерата, Роџер е постојано покрај сопругата Мирка и нивните четири деца, близначките Мила Роуз и Шарлин Рива и близнаците Лео и Лени.

Тој истакнува дека никогаш не зажалил што ја прекина кариерата и дека се чувствува фантастично како пензионер, зашто целото време им го посветува на децата, кои му се на прво место.
Некогашниот тенисер тврди и дека е среќен што ниедно од четирите деца не сака да игра тенис.

Денес, Федерер живее многу помирно отколку за време на неговата професионална кариера.
Наместо на секојдневни тренинзи и патувања, тој е фокусиран на семејството, на заедничките патувања и хобија.

Често одат на Малдиви, а децата не пропуштаат ниту еден концерт на Тејлор Свифт - Роџер често ги води таму, дури и кога Мирка не може.
А Мирка, пак, сака да оди на модни ревии - Роџер постојано ја придружува.

Иако неговиот свет се сврте наопаку, Федерер не се жали.
Напротив, ужива во пензионерските денови како никогаш претходно во животот.

А. Ј. | Црнобело
