Потресно сведоштво за најголемата трагедија со туристи во Тунис: „Се сончавме кога го застрелаа парот до нас“
- Детали
- сабота, 28 јуни 2025
Maкедонските агенции со години не организираа туристички тури во Тунис, поради трагедијата од 2015 година, но сега туризмот е во полн ек. Сепак, болката и сведоштвата остануваат... Туристка од Велика Британија го споделува страшното искуство од овој напад со пушка на плажа, кога 38 лица го загубија животот.

Кога Шерон Сајмс, жена од Велика Британија, видела блесок додека лежела на лежалка на сончев ден за време на одморот во Тунис, помислила дека некој фотографира.
Зошто би било нешто друго?

Се наоѓала во туристичкиот ресорт „Port El Kantaoui“, опкружена со безгрижни туристи.
Но, за само неколку секунди сфатила дека светлината доаѓа од пушка – терорист започнал да пука по луѓето на плажата.
Таа и нејзиниот сопруг Дејв се фрлиле меѓу лежалките и со ужас гледале како терористот убива брачен пар што спиел пред нив.

„Ние преживеавме само затоа што не успеав да добијам место во првиот ред на лежалки, како што сакав“, вели Шерон.
Убиениот пар бил Џон и Џенет Стокер од Англија, кои оставиле пет деца и десет внуци. Тие се дел од 38-те жртви на нападот во 2015 година, од кои 30 биле Британци.
Деновиве се навршуваат 10 години од нападот што го изврши 23-годишниот студент Сеифедин Резгуи во 2015 година. Тој бил радикализиран преку интернет и поврзан со екстремистички кругови.

Бил вооружен со автоматска пушка скриена во чадор и отворил оган на туристите на плажата, а потоа и во хотелот.
Шерон, Дејв и нивната ќерка Кристал (која тогаш имала 17 години), се наоѓале во различни делови од хотелот.
