„Имам супериорна меморија – го помнам секој ден од мојот живот, но не можам да ги заборавам и лошите моменти“
- Детали
- четврток, 10 јули 2025
Ребека од Австралија има таканаречена супериорна автобиографска меморија поради што детално го помни секој миг од својот живот, почнувајќи од неполн месец откако се родила, а може да ги изрецитира и сите книги од серијалот „Хари Потер“.

Секој од нас би сакал да има подобра меморија и да може да запомни што било без многу труд.
Од учење за испит или тест, до учење некоја нова вештина, ова значително би ни го олеснило животот.
Во светот постојат околу 80 луѓе со таканаречена супериорна автобиографска меморија, односно го помнат речиси секој миг од нивниот живот.
Нашиот мозок има способност да ги „избрише“ сеќавањата кои не се толку важни, но кај овие луѓе не постои ваквото ослободување на меморијата.
Ребека Шарок од Австралија ја имаа оваа состојба, но додека нам ни изгледа како супермоќ, таа вели дека може да биде и клетва.
Состојбата на Ребека е исклучително ретка и е позната и како хипертимезија, а се карактеризира со детално помнење на речиси секој ден од животот.
Поради состојбата, Ребека не само што ги помни и ситниците и безначајните работи од нејзиниот живот, туку може да ги изрецитира сите книги од серијалот „Хари Потер“.
Нејзината меморија е толку добра, што таа вели дека помни работи уште од периодот пред да наполни еден месец.
Ребека истакнува дека иако си има предности, оваа состојба некогаш ѝ го отежнува животот.
Таа вели дека детално ги помни и сите лоши моменти од животот и јасно ѝ е дека никогаш нема да ги заборави.
Ребека страда од анксиозност, аутизам и опсесивно компулсивно нарушување, а проблем е и што не секогаш наидува на разбирање од другите.
„Тешко да имаш ретка медицинска состојба бидејќи многу малку луѓе разбираат низ што минувам, а нема ни некои третмани.
Кога се присетувам на нешто негативно, одново ги чувствувам и емоциите од тоа искуство. Некогаш луѓето мислат дека намерно не заборавам некои работи, како да сакам да ги помнам негативните искуства“.
Друг проблем за Ребека е што сеќавањата се појавуваат кога било, па таа мора да си го одвлече вниманието со некоја активност. Некогаш ова ѝ се случува пред спиење, што, пак, може да биде причина за несоница.
Ребека открива дека толку детално се сеќава на секој момент од животот, што може да ја почувствува и болката ако се присети на момент кога се повредила.
„Се сеќавам како мајка ми ме става во седиштето за бебиња во автомобилот и ме фотографира. Тогаш имав само 12 денови и го помнам секој ден оттогаш. За некои денови не помнам датум, бидејќи ги помнам од период кога не сум ни знаела дека постои календар. Но, се сеќавам што сум правела, какво било времето и слично.
Кога се присетувам на сеќавање, се враќаат и емоциите. Исто така, можам да ја искусам и болката што сум ја чувствувала. На пример, се сеќавам како паднав од дрво на 3-годишна возраст. Сега, додека зборувам за ова, како да ја чувствувам болката од повредата на коленото“.
