Вознемирувачки детали за авионската несреќа во Индија: Пилотот можеби намерно го исклучил дотокот на гориво, по полетувањето
Наводно, авионот почнал да паѓа откако дотокот на гориво бил исклучен. Брзо потоа, прекинувачите биле вклучени и проработел едниот мотор, но ова не било доволно авионот да почне да се искачува.
Токму тогаш едниот пилот побарал помош од контролорите, пред авионот да се сруши.
Индиските власти го критикуваа извештајот што го сподели Wall Street Journal, истакнувајќи дека единствената цел е да се обвини капетанот и не се зема предвид можна техничка грешка.
Но, во меѓувреме, почна да се шпекулира за менталното здравје на капетанот.
Според капетан од Индија кој е експерт за безбедност за воздухопловство во Индија, неколку индиски пилоти потврдиле дека капетанот кој управувал со авионот страдал од проблеми со менталното здравје.
„Изминативе три до четири години правеше пауза од летање. За ова имаше лекарско уверение“, вели капетанот за The Daily Telegraph.
Капетанот кој управувал со авионот исто така зел слободни денови од работа по смртта на неговата мајка. Но, четири месеци пред несреќата, му била направена психолошка евалуација според која бил способен да управува со авион.
Колеги на капетанот, пак, го опишуваат како искусен пилот кој размислувал да се пензионира во наредните неколку години. Наводно главната причина зад оваа одлука бил неговиот татко кој имал 90 години и му требал посебна нега.
Но, за The Daily Telegraph, други анонимни извори од авиокомпанијата Air India тврдат дека капетанот воопшто не зел боледување и не отсуствувал од работа.
Сепак, и тој и другиот пилот во авионот во изминативе година-две успешно го поминале тестот за психо-физичка способност.
Од друга страна, семејствата на жртвите во несреќата ја обвинуваат авиокомпанијата Air India дека им ја префрла вината на мртвите пилоти за да се заштити.
„Извештајот е лажен и не го прифаќаме. Ова е заговор за да се заштитат Air India и властите. Сакат да ги обвинат мртвите пилоти кои не можат да се одбранат.
Како може прекинувачите за горивото да бидат исклучен во критичен момент, без разлика дали поради пилотска или техничка грешка?“, вели член од семејството на еден од загинатите.
Дел од јавноста, пак, смета и дека извештајот на САД е обид да се заштити компанијата Boeing која го има направено авионот што се сруши. Изминативе неколку години, имало многу инциденти со нивните авиони поради пропусти во производството.
Од пилотката кабина е достапна само аудиоснимка, а не и видео што би покажало што точно се случило.
Како што спомнавме, за 12 месеци се очекува деталната, финална верзија на извештајот за несреќата, а дотогаш за вистинската причина за трагедијата, може само да се шпекулира.
Спирова С. | Црнобело