Вознемирувачки детали за авионската несреќа во Индија: Пилотот можеби намерно го исклучил дотокот на гориво, по полетувањето
- Детали
- петок, 18 јули 2025
Според првиот извештај од истрагата за авионската несреќа во Индија во која загинаа над 260 лица, дотокот на гориво до моторите бил исклучен кратко по полетувањето. Постои можност едниот од пилотите да го исклучил дотокот, од непозната причина. Но, семејствата на загинатите сметаат дека ова е само заговор за да се заштити авиокомпанијата.

Истрагата за авионската несреќа во Индија во која загинаа 260 луѓе уште е во тек, но веќе почнуваат да се споделуваат вознемирувачки детали.
На 12-ти јуни, кратко по полетувањето од аеродромот во Ахмедабад во Индија, патничкиот авион се сруши и удри во зграда, при што загинаа сите лица во авионот, освен еден патник.
Покрај патниците и екипажот, имаше уште 19 загинати од луѓето кои биле во и околу зградата во којашто удри авионот.
Кога почна истрагата, првата претпоставка беше дека причината за трагедијата е проблем со авионот.
Во првичниот извештај од истрагата водена од властите во Индија беше наведено дека бил исклучен дотокот на гориво до моторите кратко по полетувањето.
Од аудиоснимките од пилотската кабина се слушнало како едниот пилот го прашува другиот зошто го исклучил. Но, другиот пилот вели дека не го исклучил.
На твитот во продолжение се гледа како изгледаат овие прекинувачи кои можат да бидат вклучени или исклучени само рачно.
Со авионот управувале капетан Сумеет Сабарвал и пилотот Клајв Кундер.
Веднаш по несреќата беше известено дека и двајцата пилоти биле искусни, особено капетанот кој зад себе имал 8.500 часови лет. Тој дури им бил и ментор на низа помлади пилоти.
Во извештајот не е наведено кој пилот го поставува прашањето, а кој одговара, но досегашната истрага покажала дека немало техничка грешка или каков било проблем кај прекинувачите.
Сепак, ова не е финален извештај и се очекува нов и подетален за околу една година.
Според Wall Street Journal, другата истрага, што ја води САД, почнала да се фокусира на капетанот бидејќи постоел сомнеж дека тој го исклучил дотокот на гориво.
Но, не е наведено дали пилотот ги исклучил намерно или случајно.
Притоа, надлежните од САД сакале случајот да почнат да го разгледуваат и криминални истражувачи.