Единствениот преживеан во несреќата во Индија седел до излезот за итни случаи: „Насекаде имаше мртви тела, делчиња од авионот“
- Детали
- петок, 13 јуни 2025
40-годишен Британец е единствениот преживеан во вчерашната трагедија во Индија. Неговото седиште било до излезот за итни случаи, но експертите велат дека статистички, ова не е најбезбедното место во авионот. Моментално се наоѓа во болница со лесни повреди.

Во вчерашната авионска несреќа во индискиот град Ахмедабад загинаа сите патници, освен еден. Меѓу загинатите се и луѓе кои биле во зградата во која удри авионот, а според последните информации, бројот на жртви е поголем од 260.
Авионот Boeing 787-8 Dreamliner, кој требало да лета кон Лондон, се сруши само неколку минути по полетувањето и удри во зграда во која се наоѓал медицински колеџ и државна болница.
Со авионот управувале искусни пилоти, а несреќата најверојатно се случила поради дефект.
Имено, откако полетал, пилотот им кажал на контролорите дека авионот губи сила и дека не може да полета.
Околу 17 секунди, пилотот и копилотот пробувале да воспостават контрола врз леталото, но безуспешно.
Засега само се шпекулира за точната причина за несреќата бидејќи истрагата уште трае.
Во авионот имало 242 лица, вклучувајќи го и екипажот, а од сите нив преживеал само еден – Вишваш Кумар Рамеш од Британија, кој бил во Индија со неговиот брат. Брат му, за жал не ја преживеал несреќата.
Британецот снимен кратко по несреќата
Според многумина, вистинско чудо е како Британецот преживеал, па и тоа со минимални повреди.
Тој седел на седиштето 11А, веднаш до излезот за итни случаи. Авионот се скршил на два дела и Британецот бил во предната половина, додека на задната избувнал пожар.
Неговиот брат седел во истата редица, но на другиот крај, односно на седиштето 11Ј, но тој не преживеал.
Експертите велат дека седиштето на коешто седел преживеаниот Британец обично не е најбезбедното, па повеќето се согласуваат дека тој навистина имал среќа.
Процените за тоа кое седиште е најбезбедно се прават според анализи на авионски несреќи. Според овие анализи, средното седиште во задниот дел на авионот е најбезбедно во случај на авионска несреќа.
Сепак, експертите истакнуваат дека важна е динамиката на несреќата, односно дека безбедноста на седиштата зависи и од тоа како ќе се сруши авионот, дали ќе удри во нешто и слично.
Преживеаниот Британец, Вишваш, има 40 години, додека неговиот загинат брат – 35. Како што кажа за индиските медиуми, успеал самиот да излезе од авионот пред да биде однесен во болница.
„30-тина секунди по полетувањето имаше силна врева и авионот се сруши. Сè се случи многу брзо. Кога се освестив, насекаде околу мене имаше мртви тела. Се исплашив.
Станав од седиштето и почнав да трчам. Насекаде околу мене имаше делчиња од авионот. Некој ме фати и ме стави во амбулантно возило и ме донесоа во болница“.
Според полицијата, Вишваш излегол од авионот преку излезот за итни случаи кој се наоѓал до неговото седиште.
Болничарите, пак, велат дека кога им кажал дека бил во авионот, на почетокот не му верувале бидејќи не очекувале да има преживеани.
Спирова С. | Црнобело
