Потресни сведоштва од несреќата во Лисабон: „Мислев дека и јас и внук ми ќе загинеме“
Иако уште не се знае што ја предизвикало несреќата и како точно настанала, локалец од Лисабон кој сведочел на трагедијата изјави дека веројатно се скинал кабел кој го држел вагонот.
„Забележав дека трамвајот не застана точно каде што требаше. Потоа се слушна нешто како тропање на метал, гласен звук и вагонот излета од шините, па продолжи да се движи по тротоарот“, вели тој за CNN Portugal.
Други очевидци раскажуваат и за паниката што ја забележале кај патниците.
„Се судри со огромна сила. Како да немаше никаква кочница. Луѓето внатре беа многу исплашени и веднаш истрчавме да им помогнеме“, вели жена за локална телевизија.
За BBC, уште една туристка од Британија кажува што се случило. Таа стоела во близина на местото каде што удрил трамвајот.
„Вагонот изгуби контрола и почна да се спушта со огромна брзина и удри странично. Имаше звук како бомба, а потоа апсолутна тишина…
Се појави и густ црн чад и кога се расчисти, знаевме што се случило… Беше ужасно“.
Наводно, на популарниот трамвај му била направена детална проверка и биле поправени сите недостатоци пред околу една година. Но, локалците велат дека доста често, поради интересот на туристите, вагонот бил преполнет.
Некои велат и дека со вагонот не се управувало соодветно.
Според последните информации од надлежните, најверојатно во прашање е оштетен кабел кој се скинал, поради што вагонот изгубил контрола и излетал од шините.
Спирова С. | Црнобело