Потресни сведоштва од несреќата во Лисабон: „Мислев дека и јас и внук ми ќе загинеме“
- Детали
- петок, 05 септември 2025
„Вагонот изгуби контрола и почна да се спушта со огромна брзина и удри странично. Имаше звук како бомба, а потоа апсолутна тишинa. Се појави густ црн чад и кога се расчисти, знаевме што се случил …“, раскажува туристка која сведочела на страшната несреќа во Лисабон, кога популарниот жолт трамвај излета од шините.

Во среда (03.09) во Лисабон се случи трагедија кога познатата туристичка атракција – трамвајот Глорија – излетал од шините и удрил во зграда.
Според првичните информации, загинале 15 лица, но сега бројот се искачил на 17. Повредени се над 20 луѓе, меѓу кои имало и деца.
Бидејќи трамвајот, односно фуникуларот Глорија е една од најпопуларните атракции во престолнината на Португалија, меѓу загинатите и повредените имало и туристи од Канада, Франција, Германија, Италија…
Вчера надлежните соопштија дека од трамвајот извлекле и тригодишно дете кое преживеало, но го изгубило својот татко. Со нив била и мајката на детето која се стекнала со сериозни повреди, вклучувајќи и скршен ’рбет.
Според очевидците, детенцето било преплашено и не сакало да се оддели од полицаецот кој го спасил.
Се огласи и еден од патниците кои преживеале – 75-годишен маж кој бил во трамвајот со неговата сопруга и неговиот внук.
„Ѝ реков на сопругата ’Ќе умреме овде со внукот‘. Трамвајот почна да се движи многу брзо, малку сврти, па удри во зградата со многу гласен звук“, раскажува тој за локален медиум.
За Sky News, се огласила и туристка од Британија која сведочела на страшната несреќа.
Таа била со семејството, во хотел на улицата каде што се случи трагедијата и кога го слушнала судирот, вели си го распакувала куферот.
Кога излегле од собата да видат што се случува, друг гостин од хотелот им рекол:
„Не излегувајте надвор, ужасно е, има и почината личност“.
Жената додава дека со сопругот и ќерка ѝ следниот ден планирале да се возат на трамвајот.
„Влеговме во хотелската соба и додека се отпакувавме имаше страшен звук. Ќерка ми беше во соседната соба, со отворени прозорци и слушна викање, па веднаш дојде да ни каже.
Слеговме на долниот кат од хотелот, кога друг гостин ни рече да не излегуваме надвор“.
Жената додава и дека испаничените сведоци викале дека во рушевините од трамвајот има и деца.