Трагедија во Лисабон: Познатиот жолт трамвај стар 140 години излета од шините – има најмалку 15 жртви (фото+видео)
- Детали
- четврток, 04 септември 2025
Вчера (03.09) трамвајот Глорија, кој е најпознатата атракција во Лисабон, излета од шините и удри во зграда, при што загинале најмалку 15 лица. Во Португалија е прогласен ден на жалост, а надлежните велат дека истрагата за несреќата ќе започне веднаш штом ќе завршат со операцијата за спасување. Меѓу жртвите и повредените имало и туристи.

Најпопуларната атракција во Лисабон – фуникуларот Глорија – се сруши и удри во зграда при што загинаа 15 лица, а има најмалку 20 повредени.
Фуникулар е вид трамвај наменет за стрмнини и се движи по шини, со помош на кабли. Поради ова, некогаш се користи и зборот жичница.
Атракцијата во Лисабон е стара 140 години и со текот на времето стана едно од најпознатите обележја на градот.
Трагедијата се случила вчера (03.09) околу 18 часот, кога едниот од вагоните излетал од шините и удрил во зграда. Според очевидците, изгледало како вагонот да изгубил контрола и почнал да се движи по удолницата со огромна брзина, пред да удри во зграда на кривина на патот.
Еден очевидец вели и дека вагонот удрил во маж кој се движел по тротоарот.
Надлежните споделија дека трагедијата е несреќа, како и дека истрагата ќе започне штом ќе завршат операциите за спасување.
Според некои извори, можно е да имало проблем со еден од каблите со чија помош се движи вагонот.
На морничавите фотографии и видеа се гледа дека вагонот е речиси целосно уништен, додека компанијата што управува со атракцијата истакнува дека редовно се правеле сите неопходни проверки и поправки.
Португалските власти прогласија ден на жалост и велат дека ова е една од најголемите трагедии со кои се соочила Португалија во поново време.
Засега е потврдено дека има 15 жртви, меѓу кои и туристи, а бројот на повредени е најмалку 20.
Од повредените, пет лица биле во критична состојба, а имало и едно дете.
Фуникуларот Глорија, кој го нарекуваат и жичница и трамвај, е пуштен во употреба во 1885 година. Се состои од два вагона во кои собира по 40 луѓе.
Секоја година привлекува милиони туристи, кои некогаш чекаат и со часови за да дојдат на ред.
Атракцијата беше и хит за инстаграмџиите.