Маж кој преживеал рак на града споделува искуство: „По мастектомија, следеше пеколна година со хемотерапии“
- Детали
- четврток, 23 октомври 2025
„Без мастектомија и хемотерапија, ми рекоа дека ми останува една година живот“, раскажува готвач од САД кој во 2020 година бил дијагностициран со рак на градата.

Ракот на дојка е болест која ја поврзуваме со жените, но иако поретко, може да се појави и кај мажи.
И мажите го имаат истото ткиво во градите како жените, но бидејќи кај нив е значително помалку, и појавата на рак е поретка.
Ракот се третира исто како и кај жените – хируршко отстранување на ткивото зафатено од болеста, но и третмани со хемотерапија и радијација.
Мајкл Ландесберг е готвач од САД кој преживеал рак на градата, па решил да ја сподели својата приказна за да ја зголеми свесноста кај мажите.

Проблемите на Мајкл почнале во 2020 година, кога поради пандемијата морал да го затвори ресторанот.
Во април истата година, бил дијагностициран со многу ретка и агресивна форма на рак на градата. Прогнозата на лекарите била далеку од добра.
„Без мастектомија и хемотерапија, ми рекоа дека ми останува една година живот. Одеднаш, тоа ми беше најважното нешто“.

Мајк вели дека лесно закрепнал од отстранувањето на левата града, но хемотерапијата и хормоналната терапија што ги примал наредната година, ги опишува како кошмар.
Бил хоспитализиран неколкупати, а додека траел третманот му се јавиле и други проблеми со здравјето, како панкреатитис.
„За мене тоа беше една година пекол. Немав ниту еден убав ден, ниту еден убав час, постојано бев во болка“.

За среќа, третманот бил успешен, па веќе пет години Мајкл нема рак. По пеколната година, си дал за цел да им помага на другите, па сега собира и донации за лица болни од рак.
„Некои работи навистина ви ја менуваат перспективата, но и текот на вашиот живот. Мислам дека ова е мојата втора шанса“.

Околу 2022 година, Мајкл можел да се врати на работа. А, покрај тоа што им помагал на други заболени, сакал да им помогне и на сопствениците на ресторани и локали кои изгубиле многу за време на пандемијата.

Со својата приказна, успеал брзо да се прослави низ САД и да мотивира и други луѓе да помагаат.
„Со мојата платформа им помогнав на многу бизниси кои беа пред затворање“.

Тој организира и донаторски настани преку кои вели дека има собрано над 50.000 долари кои отишле во добротворни цели.
„Чувството е навистина убаво кога ќе помислам каде сум денес, а каде бев пред пет години. Ако мојата приказна спаси и само уште еден човечки живот, тогаш сето ова вреди“.
Спирова С. | Црнобело