Влегле преку балкон, украле дијамантски накит: Детали за филмскиот грабеж во музејот Лувр
- Детали
- понеделник, 20 октомври 2025
Во вчерашниот грабеж во Лувр, четири лица украле неколку парчиња накит од 19-тиот век кои вработените во музејот ги опишуваат како „бесценети“. Надлежните, пак, велат дека крадците биле мошне смирени и било јасно дека се професионалци.

Вчера (19.10) околу 9:30 часот наутро, од музејот Лувр во Париз биле украдени неколку вредни предмети, а целата операција делува како нешто што би го виделе на филм.
Покрај тоа што крадците успешно влегле во музејот, украле скап накит и избегале, фасцинантен е фактот што сето ова го правеле додека било ден, кога во музејот имало посетители и засилено обезбедување.
Дури и надлежните велат дека кражбата била извршена „мошне професионално“, од луѓе кои сигурно имаат искуство.
Што знаеме за филмскиот грабеж во Лувр?
Музејот Лувр ги отвора вратите за посетителите во 9 часот наутро, а кражбата била извршена неполн час подоцна.
Според снимките од безбедносните камери, во кражбата учествувале четири лица, кои влегле во музејот преку балкон во близина на реката Сена.
Користејќи возило со скала, тие се качиле на балконот, го исекле стаклото од прозорците и влегле во делот од музејот познат како Galerie d’Apollon (галерија на Аполон).
Прво им се заканиле на чуварите и успеале да ги избркаат од галеријата, а потоа украле неколку вредни предмети кои биле изложени.
Чуварите веднаш го вклучиле алармот, по што почнале да се евакуираат посетителите, а обезбедувањето пробало да ги фати крадците.
Според досегашните информации, тие излегле од истиот балкон и пробале да го запалат возилото со скалата. Но, вработен во музејот ги спречил.
Сепак, успеале да побегнат на два скутера.
Од снимките од безбедносните камери се гледало дека крадците работеле смирено и било јасно дека имаат направено детален план.
Министерката за култура на Франција сподели и дека е очигледно дека станува збор за професионалци кои се искусни.
За среќа, нема повредени и направена е само материјална штета, но посетителите сепак биле исплашени кога почнала евакуацијата.
Според еден сведок, неколку посетители почнале и да паничат пред да бидат изнесени надвор.
„Сакавме да ја видиме Мона Лиза кога не изнесоа од галеријата. Имаше многу збунети посетители, а чуварите само ни рекоа дека имало некакви технички проблеми.
Но, знаев дека се случува нешто бидејќи го испразнија целиот музеј“, вели турист од САД кој бил во музејот со сопругата.
Надлежните споделија и дека крадците украле осум предмети, вклучувајќи прстени, круна, обетки и брошови.
Сите се датирани од 19-тиот век и им припаѓале на француски владетели.
Парчињата накит биле украсени со илјадници дијаманти и други скапоцени камења, но покрај материјалната вредност, од музејот велат дека имаат огромна историска важност и се „бесценети“.
Крадците пробале да украдат уште два предмета, но веројатно им паднале додека бегале, па биле најдени во галеријата.
Полицијата уште трага по крадците и засега не е познато дали имаат осомничен.
Инаку, ова не е прв грабеж во Лувр. Всушност, токму кражба ја има направено Мона Лиза една од најпознатите слики во светот.
Сликата била украдена во 1911 година, период кога повеќето немале ни слушнато за неа.
Ја украл вработен во музејот, со потекло од Италија, кој верувал дека сликата треба да се наоѓа во неговата родна земја, а не во Франција.
Сликата беше најдена по две години и оттогаш е еден од најпосетуваните експонати во музејот.
Потоа, во 1998 година, од музејот беше украдена слика од Жан Батист Камиј Коро која не е најдена до денес.
Поради оваа кражба, обезбедувањето во Лувр беше зајакнато.
Спирова С. | Црнобело