Цели градови под вода на Јамајка, по една од најсилните бури во историјата – ураганот Мелиса (фото+видео)
- Детали
- среда, 29 октомври 2025
Ураганот Мелиса ја погоди Јамајка со пороен дожд и ветар со брзина од над 290 километри на час, пред да продолжи да се движи кон Куба, но со намалена јачина. Ураганот се очекува да продолжи кон Бахамите и Бермудските Острови.

Јамајка се наоѓа во кризна состојба откако ураганот Мелиса направи вистински пустош.
Нарекуван „бура на векот“, па и „една од најсилните бури во историјата“, ураганот донесе пороен дожд и ветар со брзина од над 290 километри на час.
Иако низ историјата имало и посилни бури, Јамајка не се соочила со толку силен ураган.
Ураганот се формирал на 21-ви октомври во Атлантскиот Океан, а пристигна на копното на Јамајка вчера, односно 28-ми октомври.
Сателитска снимка која го прикажува формирањето на ураганот:
Мелиса е ураган од петтата, највисока категорија според таканаречената „Сафир-Симпсонова скала“ и предизвика сериозна материјална штета во Јамајка.
Досега има најмалку седум жртви, а надлежните очекуваат и опасно свлекување на земјиштето поради поројниот дожд.
Утрово, и Куба беше погодена од истиот ураган, иако со намалена јачина, а се очекува продолжи кон Бахамите и Бермудските Острови.
Иако јачината на ураганот е намалена и сега спаѓа во третата категорија, и Куба се соочува со поплави и огромна материјална штета.
Најмногу штета претрпи Јамајка – цели градови на карипскиот остров се под вода, а многу градби се срамнети со земја.