Морничаво: Жена во Тајланд спасена од кремирање – тропнала на ковчегот во последен момент, мислеле дека е мртва
- Детали
- среда, 26 ноември 2025
65-годишна жена од Тајланд која ја сметале за мртва покажала знаци на живот, додека свештениците во храмот се подготвувале за кремирање. Тие само ја чекале официјалната посмртница, но жената почнала да тропа на ковчегот и сфатиле дека е жива.

Минатата недела во Тајланд била избегната вистинска трагедија.
Додека свештениците во будистички храм во близина на Бангкок се подготвувале да кремираат почината жена, слушнале тропање од нејзиниот ковчег.
Кога го отвориле, на нивно огромно изненадување, сфатиле дека жената е всушност жива.
Менаџерот на храмот откри дека станува збор за 65-годишна жена која била донесена во храмот од нејзиниот брат.
„Бев малку изненаден, па им реков да го отворат ковчегот и сите бевме преплашени. Ја видов како полека ги отвора очите и тропа на страната од ковчегот“.

Според братот на жената, таа била многу болна и две години постојано била во кревет.
Минатата недела состојбата значително ѝ се влошила и во саботата (22.11) престанала да дише.
Братот и сестрата живеат во село во Тајланд, а тој вели дека селскиот лекар им кажал дека е мртва.
„Со години се грижам за сестра ми. Ни кажаа дека починала. Ги собравме сите потребни документи, па ја ставивме во ковчег и ја донесов во храмот за кремирање“.
Тој вели дека сестра му не давала никакви знаци на живот, па сите биле сигурни дека е мртва.
Од селото добил документи со кои се одобрува донација за ковчег. Но, овие документи не се официјална посмртница.
Сепак, брат ѝ го ставил ковчегот во автомобил и возел 500 километри до Бангкок. Сестра му сакала нејзините органи да бидат донирани, па се упатил во болница.
Во болницата му рекле дека без посмртница, не можат направат ништо, па го советувале да добие извештај од аутопсија.
Бидејќи целиот процес се развлекол, брат ѝ почнал да се загрижува дека телото ќе почне да се распаѓа.
Па, одлучил да ја однесе во храмот во близина на Бангкок, каде што нуделе бесплатно кремирање.
Но, и овде му кажале дека мора да има посмртница пред да го извршат кремирањето.
И, додека ја подготвувале церемонијата, барале начин да добијат посмртница, но тогаш жената почнала да се движи.
Кога сфатиле дека е жива, веднаш била повикана брза помош и лекарите утврдиле дека жената имала сериозен вид на хипогликемија – многу ниско ниво на шеќер во крвта поради што личноста може да изгледа и како да е мртва.
Состојбата на жената брзо се стабилизирала и ќе остане во болница уште некој период.
Очигледно, случајот привлече многу внимание во Тајланд, но не само бидејќи е бизарен.
Како што пишуваат тајландските медиуми, во руралните средини луѓето честопати немаат пристап до доктори, па се потпираат на она што го слушаат од „исцелителите“ во нивните села. И, токму затоа дошло до оваа ситуација.
Спирова С. | Црнобело