Над 197 деца биле зачнати од донор на сперма со мутација што го зголемува ризикот од рак - донирал и во Македонија
- Детали
- четврток, 11 декември 2025
Според истрага во рамки на Европски радиодифузен сојуз и неколку поголеми медиуми, донор на сперма во банка во Данска имал ретка генетска мутација што може да го зголеми ризикот од рак и до 90%. Со неговата сперма биле зачнати најмалку 197 деца, вклучително и во Македонија.

Донор со чија сперма биле зачнати најмалку 197 деца ширум Европа имал генетска мутација која значително го зголемува ризикот од рак.
Како што пренесува BBC, истрагата покажала дека тој не бил свесен за неговата генетска мутација кога донирал.
За жал, неколку од зачнатите деца веќе починале, а само мал процент од нив ќе го избегнат ризикот од рак во својот живот.
Донираната сперма ја продавала банка во Данска – European Sperm Bank – и тоа на жени од низа европски земји, вклучувајќи ја и Македонија.
Истрагата била направена во рамки на Европски радиодифузен сојуз, каде членува и BBC, и покажала дека донорот е анонимен маж кој првпат донирал во 2005 година, додека бил студент. Неговата спрема била користена околу 17 години.
Тој ги поминал неопходните здравствени проверки и немал проблеми со здравјето, но ДНК-та во дел од неговите клетки мутиралa уште пред да биде роден.
Неговата мутација предизвикала оштетување на генот кој ги спречува клетките во телото да станат канцерогени.
Во голема мера, неговото тело не ја содржело оваа мутирана форма на генот, но бил пронајден во околу 20% од неговата спрема.
За разлика од него, децата кои биле зачнати со оваа сперма, ќе ја имаат мутацијата во секоја клетка од нивното тело. Што значи, шансите да заболат од ракот во текот на животот се огромни – речиси 90%, како што пренесува BBC.
Кај лицата со оваа мутација потребни се прегледи и скенирања барем еднаш годишно, додека многу жени кои го имаат мутираниот ген одлучуваат да ги отстранат дојките за да го намалат ризикот за рак.
Од банката за сперма во Данска велат дека донорот и неговото семејство не се засегнати од мутацијата, како и дека истата не може да се детектира со генетските тестови што им ги прават на донорите.
Исто така, истакнуваат и дека престанале да ја користат спермата од донорот веднаш штом дознале за мутацијата.
Не е познато колку точно деца биле зачнати со спермата на овој донор, но експерт претпоставуваат дека бројот е поголем од 197.
Исто така, не е познато ни колку од децата ја наследиле опасната генетска мутација.
BBC открива дека со спермата на донорот биле зачнати деца во неколку европски држави, меѓу кои Ирска, Германија, Шпанија, Исланд, но и Македонија.
За BBC зборува и директор на банка за сперма во Англија кој вели дека иако вестите се ужасни, сепак не може да се тестира буквално сè.
„Увезуваме од големи меѓународни банки за сперма кои продаваат и во други држави, бидејќи така заработуваат.
И, овде почнува проблемот – нема меѓународен закон кој кажува колку често може да се искористи спермата од ист донор.
Не може да се направи тест за сè. Ние прифаќаме само 1% или 2% од сите мажи кои аплицираат да бидат донори. Ако тестирањето е уште построго, ќе нема ни донори“.
Овој случај, заедно со приказните за донори од кои зачнале над 100 деца, ја поттикнува дебатата за тоа дали треба да има лимит.
Некои експерти сметат дека со ова можеби нема да се намали ризикот од наследување ретки генетски болести, но може да има подобро влијание врз психолошката состојба на децата зачнати на овој начин. Односно, да не се најдат во ситуација да имаат стотици биолошки полубраќа и полусестри.
Друг експерт, за BBC вели дека ваквите случаи, кога се наследуваат генетски мутации од донор на сперма, се навистина ретки, кога ќе се земе предвид колку деца се родени на овој начин.
Спирова С. | Црнобело