Нема лек или вакцина, се пренесува од лилјаци: Што знаеме за смртоносниот вирус Nipah кој се појави во Индија?
- Детали
- понеделник, 26 јануари 2026
Во Индија се забележани неколку случаи на зараза со вирусот Nipah, кој има особено висока стапка на смртност, а за кој нема лек. Иако целата ситуација делува застрашувачки по искуството со пандемијата, важно е да се напомни дека низ годините имало зарази со овој вирус, но неговото ширење било спречено. Притоа, никогаш не бил забележан во Европа.

Пред неколку денови, во Индија беа забележани неколку случаи на зараза со Nipah – редок вирус кој го пренесуваат лилјаци, а кој за луѓето може да биде смртоносен.
На 21-ви јануари,Тhe Telegraph сподели дека вирусот бил детектиран кај две медицински сестри кои работеле во приватна клиника.
Медицинските сестри биле заедно на смена помеѓу 28 и 30 декември, а симптомите им се појавиле два-три дена подоцна.
Имале треска и отежнато дишење, а и двете биле примени на интензивна нега на 4-ти јануари, откако состојбата им се влошила.
Според првичните информации, медицинските сестри веројатно се заразиле од пациент со респираторни проблеми кој починал.
Но, според изворите од болницата, не му било направено тестирање за вирусот бидејќи лекарите не го препознале.
Надлежните велат дека истрагата за потеклото на вирусот уште трае, како и дека веднаш биле преземени мерки за заштита, како воведување карантин.
Биле тестирани 180 лица, а добрите вести се дека сите добиле негативни резултати, како и дека немале симптоми. Некои се ставени во карантин, а по 21 ден повторно ќе бидат тестирани.
Според информациите од 23-ти јануари, досега се забележани вкупно пет случаи во Индија, вклучувајќи ги и двете медицински сестри.
Факт е дека уште не сме ја заборавиле пандемијата со коронавирусот, па случаите во Индија предизвикаа загриженост дека вирусот Nipah можеби веќе се шири.
Но, важно е да се напомни дека изминативе неколку години, во Индија имало случаи на зараза со вирусот Nipah. Но, ширењето на вирусот секојпат било успешно спречено.
Фотографија од 2023-та, во период кога имало заразени од вирусот во Индија
Моментално надлежните во Индија прават сè во нивна моќ за навреме да ги забележат потенцијалните нови случаи и да го спречат понатамошното ширење на вирусот.
Во меѓувреме, Тајланд ги зајакна контролите на аеродромите и ги проверува патниците кои доаѓаат од Индија.
Денес (26.01) надлежните од Тајланд споделија дека не е забележан ниту еден случај на вирусот во нивната земја.
Како што веќе спомнавме, Nipah е вирус кој го пренесуваат лилјаци и иако е опасен, заразата кај луѓе е ретка.
Според Центарот за контрола и превенција на болести во САД, вирусот првпат бил откриен во 1999 година, кај луѓе и свињи во Малезија и Сингапур.
Тогаш се заразиле околу 300 лица, а починале околу 100.
Се претпоставува дека лилјаците им го пренеле вирусот на свињите, а луѓето се заразиле од нив.
Фотографија од 1999 година во Малезија
Низ годините, вирусот бил забележан само во неколку земји, односно во Бангладеш, Индија, Малезија, Филипините и Сингапур.
Но, лилјаците кои можат да го пренесат вирусот виреат низ Азија, земјите во јужниот дел на Тихиот Океан, како и Австралија.
Вирусот може да предизвика од благи до сериозни симптоми, вклучувајќи отекување на мозокот, па и смрт.
Најчестите симптоми се треска, главоболка, кашлица и отежнато дишење, а се чувствуваат помеѓу 3 и 14 дена.
Фотографија од Индија во 2023-та, направена во центар за изолација од Nipah вирусот
Во подоцнежната фаза од заразата, може да се појават посериозни симптоми, како збунетост, напади и отекување на мозокот. Во некои случаи, луѓето кои ги чувствуваат овие симптоми може да паднат и во кома.
Проблематичното кај овој вирус е што симптомите не се појавуваат веднаш, туку може да се појават од 4 до 14 денови по заразата.
Вирусот се пренесува преку директен контакт со заразено животни и консумирање храна и пијалаци на кои го има вирусот.
Меѓу луѓе, вирусот се пренесува ако се дојде во контакт со телесните течности на заразена личност.
Засега нема лек за вирусот Nipah и лекувањето се фокусира на справување со симптомите, одмор и пиење многу течности.
Вирусот има висока стапка на смртност – помеѓу 40% и 75%.
Иако вирусот звучи страшно, уште еднаш нагласуваме дека во минатото биле забележувани случаи, но ширењето биле успешно спречено.
Покрај тоа, вирусот никогаш не бил забележан во Европа, уште помалку на Балканот.
Инаку, токму овој вирус е инспирација за филмот Contagion од 2011 година кој, од денешна перспектива, мошне реалистично прикажува како изгледа пандемија.
Спирова С. | Црнобело