Епстин ѝ го финансирал раскошниот живот: Како поранешната (и разгалена) снаа на кралицата Елизабета изгуби сè?
- Детали
- четврток, 12 февруари 2026
Иако должела повеќе од 2 милиони долари, поранешната сопруга на принцот Ендру живеела мошне раскошно, неретко земајќи пари од педофилот Џефри Епстин. Кога стана јасно дека останала блиска со него без разлика што знаела што прави, Сара остана без дом, но и со уништена репутација.

Сара Фергусон е поранешната сопруга на принцот Ендру.
Сара и братот на кралот Чарлс беа во брак од 1986 до 1996 година, а заедно добија две ќерки – Беатрис и Јуџин.
И покрај разводот, Сара и Ендру останаа мошне блиски и самите се нарекуваа „најпријателскиот разведен пар“. Тие дури и живееја заедно.
Независно од Ендру, Сара беше вмешана во низа скандали поради што го наруши односот со британското кралско семејство.
Но, кога јавноста дозна за скандалот со Џефри Епстин, во голема мера настрада и репутацијата на Сара бидејќи како Ендру, и таа била особено блиска со педофилот.
Сара е една од јавните личности кои многупати се спомнуваат во документите од истрагата за Епстин, a ја има и на неколку фотографии.
Таа продолжила да се дружи со него и откако тој првпат беше обвинет за проституција во 2008 година.
Иако можеби самата не учествувала во развратните забави на островот на Епстин, јасно е дека била свесна за она што се случува.
Притоа, дозволувала и нејзините ќерки да имаат контакт со педофилот.
Па, што открија документите за неа?
Го посетила Епстин откако беше ослободен од затвор
Сара и нејзините ќерки отишле во Мајами да го посетат Епстин неполна недела откако бил пуштен од затвор во 2009 година.
Во мејл од 24-ти јули 2009 година се спомнати детали за летот на Сара и нејзините ќерки за кој веројатно платил педофилот.
Тој период Јуџин имала 19, а постарата ќерка Беатрис имала 20 години.
Планови за Епстин да биде вклучен во нејзината добротворна организација
Повторно откако излегол од затвор, Епстин и Сара разговарале за тоа педофилот да купи поголем дел од добротворната организација на Сара.
Во 2009 година, Сара сакала да лансира нов бренд со мисија „да им помогне на мајките од целиот свет да бидат слушнати за проблемите со коишто се соочуваат“.
Според мејловите, Сара требало да биде лицето на брендот, додека Епстин да поседува 51% од акциите.
Брендот би требало да заработува од договори за книги, ТВ програми за деца и говори, а Сара да добива плата од 250.000 долари.
Сепак, брендот никогаш не бил лансиран идејќи обвинението на Епстин почнало да привлекува повеќе внимание во јавност.
Сара го сметала Епстин за брат
Во мејл од август 2009 година, Сара му вели на Епстин дека ѝ бил како братот што отсекогаш го посакувала.
„Ништо не ме трогнало повеќе од твојот комплимент за мене што го кажа пред моите пријателки“, вели во истиот мејл.
Во друг мејл, Сара го нарекува Епстин нејзин „посебен пријател“, му вели дека бил легенда и дека е горда на него.
Сара тврдеше дека прекинала контакт со Епстин пред многу години, но во документите има мејл во кој повторно го нарекува најдобар пријател, а кој е пратен откако наводно завршило нивното пријателство.
Му рекла да се ожени со неа
Во документите има пораки од профил потпишан како „Сара“. Иако не е потврдено дека е Сара Фергусон, некои веруваат дека сепак е таа.
Во пораките, кои се испратени во 2010 година, таа повторно го нарекува Епстин „легенда“ и му вели:
„Јас ќе ти служам. Само ожени се со мене“.
Барала да ја вработи
Од многу мејлови станува јасно дека Сара честопати добивала пари од Епстин, а во 2010-та го прашала и кога ќе ја вработи.
Во одговорите, тој вели дека ќе разговараат за тоа, како и дека никогаш нема да ја изневери.
Сара максимално ги користела парите на милијардерот
Покрај документите, и истрагата на Daily Mail покажала дека Сара земала пари од Епстин подолго од 15 години.
Во САД тој честопати ѝ плаќал сместување, ѝ ги покривал трошоците за патување и ѝ помагал финансиски, особено откако нејзиниот долг надминал неколку милиони долари.
И покрај тоа што била задолжена, Сара сакала да ужива во раскош.
