Сомнителни повреди на вратот, мистериозно видео од затворот: Зошто некои веруваат дека Епстин бил убиен во неговата келија?
- Детали
- понеделник, 16 февруари 2026
Според реномиран патолог кој сведочел на аутопсијата на Џефри Епстин, потребно е одново да се отвори истрагата за неговата смрт бидејќи повредите што ги имал на вратот укажувале на тоа дека е задавен, а не дека извршил самоубиство со бесење.

Уште откако јавноста дозна за смртта на Џефри Епстин, се шпекулира дали навистина извршил самоубиство или сепак бил убиен со цел да се заштитат луѓето кои соработувале со него и биле негови „клиенти“.
Дури и луѓе кои му биле блиски, како неговата поранешна девојка и соработничка Гислејн Максвел, имаат изјавено дека не веруваат дека педофилот си го одзел животот.
Епстин беше пронајден мртов во неговата затворска ќелија и наводно си го одзел животот со бесење.
Во самоубиството на педофилот се сомнева и реномиран патолог кој присуствувал на неговата аутопсија.
Д-р Мајкл Бајден, кој во 1970-тите бил главниот медицински истражител во Њујорк, вели дека според извештајот од аутопсијата на Епстин, заклучил дека е поверојатно дека е убиен.
„Тогаш тоа беше мојот став и уште се држам до него.
Наодите од аутопсијата многу повеќе изгледаат како повреда создадена од убиство со давење, отколку самоубиство со бесење“, сподели патологот минатата недела.
Тој додава и дека она што го видел во објавените документи од случајот само му го зацврстило верувањето.
„Земајќи ги предвид сите информации што сега се достапни, има потреба од дополнителна истрага за причината и начинот на смртта на Епстин“, вели патологот.
Д-р Мајкл Бајден бил сведок на аутопсијата на Епстин по барање на братот на педофилот – Марк Епстин.
Тој верувал дека брат му е убиен, па сакал уште еден експерт во салата.
Патологот открива дека и тој и другиот патолог се согласиле дека резултатите од аутопсијата се „недоволно јасни“ и дека потребни им се повеќе информации за да ја утврдат точната причина за смртта.
Наместо тоа, само пет дена подоцна, другиот патолог како причина за смрт навел самоубиство.
„Не сум видел докази за дополнителна истрага, ништо што покажуваше дека продолжила истрагата за неговата смрт“, додава д-р Бајден кој вели дека бил непријатно изненаден од ова.
Докторот вели дека на вратот на Епстин имало три скршеници кои е невозможно да настанат од бесење.
„Дури и ако има една скршеница, треба да се направи истрага за убиство. Две скршеници дефинитивно бараат целосна истрага“.