Жизел Пелико за моментот кога ја дознала вистината за сопругот монструм, кој ја дрогирал и викал мажи да ја силуваат
- Детали
- понеделник, 16 февруари 2026
„Си ги извадив очилата, полицаецот ми покажа уште една фотографија. Истата жена легната на грб, покрај неа маж со тетоважи. ’Ти си тоа‘. Му велам ’не‘. Не ги препознавав мажите, ниту жената… Трета фотографија. Мажот носеше џемпер на пожарникар“, пишува Жизел Пелико во нејзините мемоари каде што открива како се справила со предавството на сопругот монструм.

Жизел Пелико од Франција цела деценија била дрогирана и силувана од нејзиниот поранешен сопруг. Истовремено, тој носел и други мажи во нивниот дом за да ја силуваат додека била без свест.
Случајот ја згрози јавноста, а Жизел се покажа како вистинска хероина бидејќи одлучи судењето да се одвива јавно.
Како што кажа и самата, откривајќи го својот идентитет, таа сака да им даде глас на другите жртви на сексуално насилство и да ги охрабри да бараат правда.
Истовремено, Жизел истакна дека не се жртвите тие што треба да чувствуваат срам и да бидат осудувани, туку силувачите.
Поранешниот сопруг на Жизел е зад решетки, а затворска казна добија и 51 маж кои учествувале во силувањата.
Сега, Жизел напиша и мемоари во кои отворено зборува за траумите и нејзиниот обид да се помири со предавството на мажот на кој целосно му верувала.
„Лузната е овде и можеби никогаш нема целосно да исчезне. Но, отсекогаш сум била оптимист. Сакав да ја вратам бојата во мојот живот… Верувам во среќа“, открива Жизел за магазинот People.
Мемоарите, насловени A Hymn to Life: Shame Has to Change Sides, ќе бидат објавени овој месец, а магазинот People има споделено извадок.
Во извадокот, Жизел го опишува моментот кога сфатила што ѝ правел сопругот Доминик.
Доминик Пелико бил уапсен во 2020 година, откако бил фатен како фотографира жени под нивните здолништа.
Токму ова ја започнало истрагата што ќе ја открие голготата на Жизел.
На 2-ри ноември 2020-та, околу два месеца по неговото апсење, Жизел била повикана во полициска станица.
Полицијата веќе ги имала одземено телефонот и лаптопот на сопругот Доминик, па сега сакале да разговараат и со неа.
Кога почнало испрашувањето, полицаецот ѝ рекол:
„Ќе ти покажам некои фотографии и видеа што нема да ти се допаднат“.
Жизел вели дека почувствувала нешто во гласот на полицаецот.
„Ми кажа дека Доминик бил приведен за силување и подметнување токсични супстанци. Мислам дека се расплакав.
Зеде фотографија и ми ја покажа. Имаше жена легната на страна и зад неа маж кој има однос со неа“, раскажува Жизел.
Полицаецот ѝ рекол дека жената на фотографијата е таа, но Жизел негирала.
„Си ги извадив очилата, ми покажа уште една фотографија. Истата жена легната на грб, покрај неа маж со тетоважи. ’Ти си тоа‘. Му велам ’не‘. Не ги препознавав мажите, ниту жената…
Трета фотографија. Мажот носеше џемпер на пожарникар. Не можев да слушнам што вели полицаецот. Или, можев да го слушнав, но тоа немаше никаква врска со мене.
Беше како ехо на некој далечен глас. ’Ова е твојата спална. Нели се ова твоите столни ламби?‘ Па? Тоа не сум јас безживотна на креветот.
Ова е фотошопирана фотографија. Направена од некој кој пробал да го повреди Доминик“, пишува Жизел.