Жизел Пелико за моментот кога ја дознала вистината за сопругот монструм, кој ја дрогирал и викал мажи да ја силуваат
„Полицаецот кажува број. Ми вели дека 53 мажи дошле во мојата куќа и ме силувале. Побарав вода. Устата ми е парализирана.
Во канцеларијата влезе психолог, млада жена. Не ми е потребна. Јас сум далеку иако сме во истата соба. Јас сум сигурна во мојата среќа. Нашата среќа.
Се наближува нашата 50-та годишнина и сеќавањето за денот кога се запознавме уште ми е јасно. Неговата насмевка. Неговиот срамежлив израз. Неговата долга виткана коса“.
Жизел вели дека ѝ било тешко да поверува, но со текот на времето почнала да ја прифаќа реалноста – била силувана стотици пати, но не помни ништо бидејќи Доминик ја дрогирал.
Од силувањата, Жизел имала проблеми со здравјето, како болки и дупки во сеќавањето.
Сопругот дури ѝ правел и друштво кога одела на лекар, свесен дека тој е одговорен за нејзините проблеми.
„Морав да размислам за мојот живот, да пробам да ги лоцирам овие моменти, знаците кои не можев да ги дешифрирам.
И, зошто моите болки, дупките во сеќавањето, грижите за здравјето не беа доволно за да престане?“
Жизел пишува дека сопругот некогаш и се шегувал за нејзините гинеколошки проблеми.
„’Проколната сум‘, му кажував, мислејќи дека ќе умрам како мајка ми. ’Не биди смешна, не ти е ништо‘, ме убедуваше тој.
Цела деценија одев на безброј прегледи. Крвни слики. Скенирања. Неколку вагинални терапии. Невролошки тестови.
Десет години одев на доктори кои ме гледаа како да сакаа да ми кажат дека на моја возраст, една жена не може да очекува повеќе…
Никогаш не се прашував што се случува… И Доминик секогаш покрај мене. А знаеше“.
Жизел открива дека некогаш Доминик им кажувал на силувачите и каде се движи во текот на денот, бидејќи сакале да ја видат.
„Се соочив со лавина ужасни информации. Доминик ја силувал и издрогирал сопругата на еден од силувачите. Им давал инструкции на мажите кои ме силуваат да не носат кондом.
Некои од силувачите дури и ме демнеа – сакале да ме видат во текот на денот, па Доминик им кажувал каде пазариме и тие ме следеле во супермаркетот“.
Жизел пишува и за судењето и колку се плашела да се соочи со силувачите.
„Ми покажаа фотографии и ме прашаа дали ги препознавам мажите. Секако дека не ги препознавав. Не се сомневав во ништо кога одев да пазарам во маркетот, внимавајќи на нашиот буџет, целосно несвесна за луѓето што ги одминувам.
Ни нивните имиња не ми значат ништо. Сите лица на сите тие мажи ми беа одбивни. Не сакав да знам ништо за нив. Не бев подготвена за тоа.
Но, исто така знаев дека наближува моментот кога ќе треба да се соочам со нив во судница“.
Пред почетокот на судењето, во целата тешка ситуација, Жизел успеала да најде и среќа.
Нејзини пријатели ја запознале со маж со кој брзо се зближила, па и се вљубила.
„Бев среќна. Имав потреба повторно да љубам. Не се плашев. Не сум мртва.
Уште имам верба во луѓето. Некогаш тоа беше мојата најголема слабост. Сега ова е мојата сила. Мојата одмазда“.
Спирова С. | Црнобело