Исчезнала пред 24 години и почнала нов живот, додека семејството ја барало: Детали за бизарниот случај од САД
- Детали
- вторник, 24 февруари 2026
Мишел, кој е мајка на три деца, исчезнала во 2001 година. Повеќе од две децении нејзиното семејство не знаела ни дали е жива, сè до неодамна, кога полицијата ја лоцирала во друга американска држава, како води двоен живот и одбива да го контактира семејството.

Во 2001-ва, тогаш 38-годишната Мишел Лин Хандли Смит отишла да пазари за Божиќ во локален маркет и исчезнала.
Цели 24 години, нејзиното семејство трагало по неа, прашувајќи се дали е воопшто жива, за Мишел да биде пронајдена неодамна, во друга држава, со нов живот.
Што знаеме за бизарниот случај?
Мишел живеела во градот Иден во американската држава Њујорк и била мајка на три деца.
На денот на нејзиното исчезнување, таа имала 38 години, додека нејзините деца биле на возраст од 19, 14 и 7 години.
Во декември 2001-ва, Мишел им кажала на децата дека ќе оди во локален супермаркет да пазари за претстојната празнична сезона и никогаш не се вратила дома.
Повеќе од две децении, нејзините деца и другите членови на семејството барале каква било информација за неа.
Во потрагата биле вклучени низа агенции, вклучувајќи ги и ФБИ, а надлежните поминале стотици часови барајќи каква било трага од Мишел.
Никој не ни помислувал дека Мишел можеби самата си заминала и ги напуштила трите деца и сопругот.
На 19-ти февруари, агенти кои работеле на случајот добиле информација во врска со Мишел и веќе следниот ден ја лоцирале, па стапиле во контакт со неа.
Мишел била „жива и здрава“, во Северна Каролина, и од полицијата побарала да не ја откриваат нејзината точна локација.
Очекувано, ваквите вести биле вистински шок за семејството.
„Само сакам да истрчам надвор и на цел глас да викам ’Жива е!‘ Со години, не знаевме дали тагуваме за неа или чекаме да се појави…
Сега сакам да ја прашам што се случило пред толку многу години во декември. Што ја натерало да си замине? Што се случило?“, вели братучетка на Мишел за американски медиум.
Мишел рекла и дека не сакала никој од семејството да стапи во контакт со неа бидејќи не сакала да разговара со нив или да ги види.
„Разбирам и го почитувам тоа што не сака да ја контактираме. Не сум гневна…
Денес го добив одговорот на најважното прашање – дека е жива. Во овој момент ништо друго не е важно“, додава братучетка на Мишел.
По бизарното откритие, една од ќерките на Мишел, Аманда, напишала долга објава на Фејсбук:
„Кога се во прашања моите мислења и чувства на мајка ми… многу сум гневна, срцето ми е скршено!
Дали некогаш повторно ќе имам некаква врска со мајка ми? Искрено, не можам да го одговорам тоа бидејќи ни јас не знам. Првата реакција би ми била апсолутно да, но потоа помислувам колку ме повреди.
Но, и во оваа ситуација, мајка ми е само човек, како сите ние. Кога мајка ми беше дел од моето секојдневие, ми покажа љубов и конекција што никогаш нема да биде заборавена.
Нормално, имаше караници меѓу мајка и ќерка, но сега сè што помнам се насмевките што ги споделувавме, среќните моменти и љубовта што ја чувствував.
Татко ми е покрај мене целиот мој живот и ми покажува љубов и имаме живот што никогаш нема да го заборавам. Сме имале караници, но исто така се што помнам сè насмевките, љубовта што ја чувствувам и врската што ја имаме.
И мајка ми и татко ми заслужуваат да имаат нивни избори и нивните чувства да бидат почитувани“.
Иако можеби ќерка ѝ се обидува да ѝ прости, според нејзините постари објави, јасно е дека исчезнувањето на мајка ѝ било вистинска траума и за неа, и за целото семејство.
„Не знам што точно се случило. До денес не сум сигурна ни дали си уште на Земјата. Сè што знам е дека остави дупка во нашите срца.
Плачам и тагувам за врска која никогаш сум ја немала. Те сакам и ми недостасуваш“, гласи нејзина објава од 2024-та.
Ќерката на Мишел направила и Фејсбук страница посветена на нејзиното исчезнување, со надеж дека некогаш некој ќе сподели некаква информација.
„Мишел никогаш не би ги оставила децата намерно. Очајни сме за одговори и ја молиме заедницата за поддршка и помош додека се обидуваме да ја откриеме вистината“, пишуваше на страницата.
По пронаоѓањето на Мишел, Фејсбук била пренаменета за друга исчезната личност.
Засега семејството на Мишел нема споделено ништо друго, а молчи и самата Мишел.
Спирова С. | Црнобело