Шатори, конзерви, па и човечки измет од несовесни планинари: Највисокиот камп на Монт Еверест претворен во депонија (видео)
- Детали
- вторник, 02 јуни 2026
„Она што треба да биде едно од најубавите места на планетата стана едно од најгрдите лица на комерцијализацијата на Еверест. Напуштени шатори, празни резервоари за кислород, конзерви од храна – кампот е претворен во гробница од опрема за качување. Планината заслужува подобро“, стои во описот на видео на кое се гледа како навистина изгледа еден од камповите на Монт Еверест.

Некогаш искачувањето на Монт Еверест, највисоката планина на Земјата, бил подвиг што го остварувале само мал број луѓе.
Денес веќе наликува на туристичка атракција што ја посетуваат оние кои можат да си ги дозволат големите трошоци за авантурата.
Но, со зголемената популарност на оваа експедиција, се појави сериозен проблем – купиштата ѓубре што ги оставаат луѓето зад нив.
Искусните планинари имаат едно важно правило кога освојуваат некој врв – зад себе да не остават апсолутно ништо.
Ова значи дека од некои места (во зависност од локацијата и условите), со себе си го земаат и изметот, не само остатоците од храна, вода и слично.
За жал, многу луѓе кои одат на експедиција на Монт Еверест не ѝ покажуваат никаква почит на природата, па моментално на планината се наоѓа и „највисоката депонија во светот“.
Ова е проблем кој постои подолг период, но повторно се актуализира откако вирално почна да се споделува видео од највисокиот камп на Монт Еверест.
Лоциран на околу 7.900 метри надморска височина, ова е последниот камп каде што планинарите можат да одморат пред да се упатот кон врвот.
Но, ако очекувате волшебна глетка, кога ќе стигнете на кампот ќе ве пречека вистинска депонија од стари шатори, остатоци од храна, па дури и човечки измет.
Видеото, кое веќе вирално се споделува на социјалните мрежи, првпат беше споделено на Инстаграм од планинарка позната како Ангелина Ангелова.
Потоа видеото беше споделено и на Твитер профилот Everest Today:
„Ова е Camp IV на Монт Еверест, највисокиот камп во светот и последниот пред врвот.
Она што треба да биде едно од најневеројатните места на планетата, на многу начини, стана едно од најгрдите лица на комерцијализацијата на Еверест.
Напуштени шатори, празни резервоари за кислород, конзерви од храна, оштетена опрема и друг отпад се расфрлани низ кампот, претворајќи во гробница од опрема за качување.
Планината заслужува подобро“, стои во описот.
Иако низ годините се правеле обиди да се расчисти ѓубрето на Монт Еверест, ова е сепак многу ризично и опасно. Што значи, останува на луѓето да си го собираат својот отпад и да се грижат за природата.
Во 2024 година, локалци и војници од Непал успеаја да отстранат дури 11 тони отпад од Монт Еверест и да вратат четири мртви тела.
Отпадот главно бил остатоци од храна, шатори, шишиња и јажиња, а некои работи стоеле на планината и повеќе од 69 години.
Ваквите акции се тешки за изведување, а зголемената популарност на експедицијата се очекува само да го влоши овој проблем.