Маж и жена се свршија на врвот на Емпаер Стејт Билдинг, па ги уапсија (фото+видео)
- Детали
- четврток, 02 јули 2026
Ангела и Иван се познати „зависници од адреналин“ кои редовно се искачуваат на облакодери, а вчера тие се свршија на врвот на Емпаер Стејт Билдинг. Бидејќи качувањето на врвот на зградата е забрането, по кратката авантура, парот беше уапсен.

Вчера (01.07) маж и жена беа уапсени откако се искачија на Емпаер Стејт Билдинг во Њујорк.
Ангела Николау (33) и нејзиниот партнер Иван Кузнетсов (32) се искачиле на врвот на облакодерот, на самата антена, на висина од 443 метри, а целиот подвиг го пренесуваа во живо на Инстаграм.
Со себе носеа и огромен транспарент на кој пишува:
„Кога моќта на љубовта ќе ја победи љубовта кон моќта, тогаш светот ќе знае за мир“.
Потоа Иван ја запроси Ангела, а таа го покажа и свршеничкиот прстен.
Според очевидците, парот поминал 30-тина минути на врвот на зградата, а потоа почнале да се симнуваат надолу, по што биле уапсени.
Како што пренесува The New York Post, Ангела и Иван биле уапсени веднаш, а не е познато како успеале да стигнат до врвот.
Според еден извор, тие прво се искачиле до 102-иот кат – највисокиот кат кој е достапен за јавноста.
Потоа за да стигнат до 103-иот кат го искористиле влезот кој е затворен за јавност и кој се користи само за поправки и одржување на зградата.
За The New York Post се огласи и портпарол на Емпаер Стејт Билдинг кој вели дека полицијата во Њујорк брзо го решила случајот, како и дека никој не бил повреден.
На социјалните мрежи се споделуваат и видеа од случајни минувачи кои го забележале парот, додека реакциите на јавноста се поделени.
Некои го критикуваат парот, некои им честитаат, а трети се шегуваат:
„Ако ова е свршувачката, тогаш ме интересира каде ќе биде свадбата“.
„Ако ви треба свадбен фотограф кога ќе излезете од затвор, тука сум“.
„Добрите вести се дека прстенот е навистина убав. Лошите вести се дека ќе одите во затвор“.
„Ќе им кажам на моите деца дека ова се Бетмен и Кетвоман“.
„Замислете да му паднеше прстенот“.
Инаку, Ангела и Иван се познати по ваквите адреналински авантури.
Ангела има дури 1,5 милиони следбеници на Инстаграм, Иван околу половина милион, а и двајцата честопати споделуваат застрашувачки видеа на кои се качуваат на високи згради.
Впрочем, за нив е снимен и документарец – Skywalkers: A Love Story – па некои сметаат дека запросувањето е и начин да се промовира нивниот филм.