„Свршеникот ми почина додека ја планиравме свадбата - отидов сама на нашиот меден месец во негова чест“
- Детали
- среда, 15 јули 2026
„Сè уште чувствувам дека е покрај мене. Бев со него кога почина и никогаш не си рековме 'збогум'. Само си рековме: 'Се гледаме подоцна'. Мојот план е да живеам најдобро што можам сè додека повторно не се сретнеме“, вели Алисија Скот (35) од Канада за саканиот Крис, кој го изгубила пред свадбата, а сега, 2 години подоцна, го реализираше нивниот меден месец сама, во негова чест.

Алисија Скот (35) од Канада била скршена кога нејзиниот иден сопруг, Крис Спенсер, трагично починал на 7 октомври 2024 година, откако развил компликации со дијабетес.
Парот отсекогаш планирал да оди во Шкотска на својот меден месец.
Тие биле заедно девет години откако се запознале во раните дваесетти години.

Но, пред да успеат да застанат пред олтарот, нивниот живот се променил засекогаш. Нивото на шеќер во крвта на Крис се искачило на 83 mmol/L, по што паднал во дијабетична кома.
Набргу му откажал црниот дроб, бил приклучен на апарати за одржување во живот, но трагично починал на само 37-годишна возраст.
Парот отсекогаш сонувал медениот месец да го помине во Шкотска, која била на врвот на листата со желби на Крис.
Речиси две години подоцна, оваа 2026-та, храбрата Алисија решила сама да отпатува таму и да ги исполни плановите што ги имале заедно.

Таа поминала нешто повеќе од две седмици во Шкотска, пред да се врати дома на 1 јули.
За овој трагичен настан Алисија вели:
„Тоа е огромна трагедија. Го изгубив во октомври 2024 година, само еден ден пред мојот роденден.
Ја планиравме свадбата и сакавме да одиме во Шкотска на меден месец.

Имам уште една година факултет и оваа година си реков: 'Ќе го направам тоа. Ќе му оддадам чест нему, но и на себеси и на мојот нов живот.
Сакам од оваа болка да создадам нешто убаво. Ова искуство ме научи дека треба да се живее со полни гради. Токму тоа и го правам.

Тешко е. Ми недостига секој ден. Тој беше мојот најдобар пријател.
Луѓето ми велат дека добро се справувам со загубата, но...

Да го познаваш Крис значеше да бидеш виден и сакан. Така најдобро можам да го опишам. Сега тој повеќе не е тука да ми ја дава таа љубов, па морам самата да си ја давам.
Сè уште чувствувам дека е покрај мене. Бев со него кога почина и никогаш не си рековме 'збогум'.
Само си рековме: 'Се гледаме подоцна'. Мојот план е да живеам најдобро што можам сè додека повторно не се сретнеме“.