„Многу ме нервира онаа Македонкана на Инстаграм“
Зошто те нервира? Зошто ја озборуваш, искрено? Дали можеби таа успешна Македонка прави да се чувствуваме ужасно затоа што ние се давиме во 2 обврски, а таа се справува одлично со 22 едновремено? И професионалец и посветена сопруга и предана мајка... И сака да се пофали со тоа, па зошто да не?

„Леле, многу ме нервира онаа Македонкана на Инстаграм (нема да споделам име и презиме за која станува збор, бидејќи е релативно позната личност)“, слушам веќе од трет човек по ред.
„Колку е здодевна, постојано се самопромовира, се наметнува, демек грми во секоја сфера“, па потоа претпоставки дека глуми, дека лаже и заклучоци колку сигурно во позадина е несреќна.
Зошто вака гледаме на работите?
Да, навистина таа живее со темпо кое е преинтензивно за нечиј вкус, но таа навистина одлично балансира со сите аспекти во секојдневието.
И сака да се пофали со тоа, па зошто да не? Или, пак, сака да испромовира дека сè може ако се сака.
Можеби дури тоа ѝ е идејата - да инспирира некои луѓе да не бидат во лер брзина и да излезат од зоната на комфорот и да почнат малку повеќе да грабаат од животот. Можеби е лајф коуч (на дело), без да се преставува како лајф коуч.
Таа е на клучна позиција во една компанија, со одлично професионално резиме зад себе, вистински е посветена на улогата сопруга, сака да биде и посветена мајка, но и да не се откаже од своите мали секојдневни радости, како фитнес тренинг или кафе со другарките.
Плус, покажува дека може да се патува и со дете и да се напредува од кариерата и да се живее, кој според неа е замисла за живот од соништата. Дека пречки не постојат...
Зошто веднаш коментираме, осудуваме, носиме заклучоци?
Зарем не е полесно само да прескокнеме ако нешто нè иритира или, пак, да се запрашаме зошто тоа нас нè иритира?
Прави ние да се чувствуваме помалку успешни од неа? Чувствуваме како ние се давиме во две обврски, а таа се справува со 22 едновремено?
Па, ајде за утеха ќе си заклучиме дека лаже, наместо да си заклучиме дека едноставно девојката се истакнува од толпата и да речеме секоја чест и да се инспирираме од неа и конечно да сакаме да гледаме или да се опкружиме со луѓе кои нè тераат да бидеме подобри и да растеме, наместо да се задоволуваме со малку и да функционираме на апсолутен минимум.
Ајде „Многу ме нервира онаа Македонкана на Инстаграм“, да го префорумилираме во „Многу ме инспирира онаа Македонкана на Инстаграм“ и Инстаграм земете го метафорички, слободно нека биде онаа Македонкана на телевизија, на работа, на факултет, во мојата зграда или каде и да е.
©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
Симона Симионова | Црнобело
