На 30 го фати последниот воз, на 40 си стара мома – двојните аршини кои ја печат женската кожа

Неодамна влетав во една дискусија на Фејсбук каде што се зборуваше за рамноправноста на женскиот и машкиот пол во Македонија. Имено, алфа-мажјакот нè убедуваше како не гледал никаков проблем на оваа тема, бидејќи времето кога жените биле дискриминирани одамна поминало, а денес дури ни било дозволено и малку повеќе.

Dvojnite-arshini-koi-ja-pechat-zenskata-kozza-01.jpg

Тоа ме натера да размислувам – што е тоа повеќе и кој ни го дозволува? Дали сè уште бараме нечија дозвола и мислење само затоа што сме жени?

Лично гледам сè уште многу двојни аршини кои ја нагризуваат женската еманципација. За почеток, сите оние простачки прашања кои рошкаат по љубовниот живот и интимата на една девојка – кога ќе се мажиш, кога ќе раѓаш, си слушнала ли за билошкиот часовник.

Мажите скоро никој не ги заморува со овие бескрајни прашања, а и кога се прави тоа, процесот е некако мирен, суптилен, дискретен, а за жената е резервиран друг третман – бурен, осудувачки и навредлив.

Треба да си сериозно слеп и глув за да не ги забележиш тие двојни аршини за кои зборувам.

Еве го мажот, женет на:

20 години – Млад е, море алал да му е, храбро момче.

30 години – Таман си е, на време.

40 години – Супер, зрел за брак и одговорности.

50 години – Никогаш не е доцна за среќа така треба.

60 години – Лудо старче, хаха, уште си сака друшка покрај себе.


А еве ги коментарите за одлуката на жената да се венча на:

20 години – Мрсулка, детиште, барем еден факултет да завршеше.

30 години – За влакно го фати последниот воз!

40 години – Стара мома, не ѝ е срам малку?

50 години – Баба требаше да си досега мори, не невеста.

60 години – Ти ма уште си жива?

Вака од прилика тече оваа вистинита тажна приказна. И следниот што ќе изјави дека не забележал полова дискриминација, добро нека размисли пред да проговори.

Еве ја најпростата полова дискриминација: при вработување, жените сè уште се гледаат сомничаво, како секој момент емотивно да ќе се распрснат и расплачат и со своите солзи ќе урнат нечија империја. Како да немаат доволно капацитет, додека мажот од друга страна е силен и доминантен, тој може и да за’ржи.

Да не зборуваме за бремената жена, таа може да е и 10 пати подобра од сите други кандидати, ама немаш среќа госпоѓо – не си посакувана тука. Или пак планираш да основаш семејство – ааа, не ни требаат такви работници, ни треба некој без матка.

Ти раѓај ако ти се раѓа, ама ние ќе те лишиме од правото на работа.

И еве ги последните аргументи за половата дискриминација:

Жена таксист – чудилник, жената-возач на автобус ќе нè испотепа сите, тргај се од патот. Жената полицаец – а има добар задник? Жената со повеќе сексуални партнери е (кажано со еуфемизам) „мераклика“, ама затоа мажот со многу девојки е – фраер.

Со секој сексистички и дискриминирачки коментар кој го упатувате, создавате длабоки рани и ја печете кожата на жената. Воедно, тоа зборува многу за вашата личност и карактер, но и неукост.

Вразумете се што зборувате и почнете да го менувате вашето закоравено мислење. Не е далеку денот кога ќе имате ќерка, па се надевам само дека нема да ѝ ја подарите оваа утопија обвиена со полова рамноправност, во која владее мислењето дека жените уживаат дури и повеќе отколку што е потребно.

©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.

(О)Милена | Црнобело

Би можело да ве интересира:

„Не ја земаш за жена само за да ти роди деца и да ти пере гаќи“ „Не ја земаш за жена само за да ти роди деца. Ниту за да ти готви ручек секој де...
„Зошто жените во брак го губат својот 'сјај' и стануваат тетки?“ Сепак, оваа „тетка“ е таа што се буди прва во домот, си легнува последна и често...
И во Македонија има шефови кои се пример за вработените и среќни сме поради тоа Тие не сметаат дека тоа што се избориле да стигнат до оваа позиција им дозволува...
Моќна поука која секој татко треба да му ја каже на својот син (како се цени жена) Си биле татко и син и тргнале по сладолед, но на патот дотаму таткото го научил ...
„Имав 20 години. Добив соба во студентски дом. Немав ни 1.000 денари во џеб, но почувствував мир“ „Имав 20 години. Добив соба во студентски дом. Баба ми ми испрати џем. Првпат им...
„Кога викам по мајка ми, не е зашто сум ѝ лута, туку се плашам што старее“ Месеци наназад, па можеби и повеќе од една година, ја набљудувам мајка ми. Додек...

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg