Не ми требаат твоите скапи подароци или одмор на бања, ми треба твоето време и внимание сине

Кога си стар и изнемоштен, чувствуваш дека си сечиј товар. Најмногу сопствен, но и на најблиските. Тие поминуваат да те ѕирнат колку да се каже дека биле тука.

Mi-treba-tvoeto-vreme-i-vnimanie-sine-01.jpg

Најчесто брзаат, некој веќе ги чека некаде. Направиле планови, мора да стигнат таму и таму. Во неколкуте секунди „добри ли сте“ и „ќе дојдеме наскоро“ немаш време ниту да ги гушнеш децата, ниту да им кажеш нешто.

А што ќе им кажеш? Истите стари приказни кои ним им се здодевни. А мене како да ми се случиле вчера. Немам објаснување зошто ги повторуваме истите приказни. Можеби затоа што нам ни се гледаат интересни, бидејќи не ни се случува ништо ново и возбудливо за споменување.

Па затоа чекаме вие да ни кажете нешто ново, нешто интересно. Но, најчесто брзате и немате време за нас. Или седнувате на масата и замолчувате, задлабочени со мобилните во рацете. Или се сместувате пред телевизорот и упорно ги вртите каналите.

За време на празниците доаѓате и тогаш носите подароци, скапи и убаво завиткани. Не ме сфаќај погрешно сине, но не ми требаат нови чевли, нов џемпер или одмор на бања.

Ми требаш ти, со твоето неподелено внимание. Ми недостасуваш да те гушнам, да се напиеме кафе, да си направиме муабет, макар тоа било еден час неделно.

Знам дека ти изгледа дека барам премногу. Знам дека сум стар, изветреан и малку напорен. Но, староста е страшна работа сине. Таа е болест која ти ги нагризува сетилата, силата и спомените.

А најмногу од сè, те тера да ги посакуваш саканите околу себе, да ги задржиш што е можно подолго покрај тебе, макар со своите стари, здодевни приказни од минатото.

Па немојте да се лутите што сакаме да ве гледаме повеќе и почесто. Времето си тече, поминува додека да трепнеш. Еден ден ќе нè нема и не сакам да заминам со празнина во душата што не сме поминале доволно време заедно.

Запамети сине, еден ден и ти ќе си на моето место. Еден ден, и ти ќе ги молиш твоите деца да дојдат, да те видат, да те гушнат и да си направите муабет.

Па зошто тој ден да не биде денес за нас?

©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.

Автор: (О)Милена | Црнобело

Би можело да ве интересира:

„Кога викам по мајка ми, не е зашто сум ѝ лута, туку се плашам што старее“ Месеци наназад, па можеби и повеќе од една година, ја набљудувам мајка ми. Додек...
„Имав 20 години. Добив соба во студентски дом. Немав ни 1.000 денари во џеб, но почувствував мир“ „Имав 20 години. Добив соба во студентски дом. Баба ми ми испрати џем. Првпат им...
Српски писател: „Девојка ми префрли 50 евра на сметка - разговорот со мене ѝ помогнал повеќе од псих... „Понекогаш сè што треба е да бидеш подготвен да се отвориш и луѓето да ти с...
Игор Џамбазов како 24-годишно момче, Каролина со тренди фризура во 1999-та: Ретро насловни страници ... 1990-тите и 2000-те беа време кога фотките за насловна се правеа со апарат со фи...
Росана Сариќ на календар, Дарио во бунда - Ретро-фотки кои ќе измамат насмевка на сите што растеа во... Наум Петрески млад во нукрачко одело, Тијана со црвена коса, Ребека во бикини - ...

Најчитани неделава