Патување со крузер како од хорор-филм: 4.000 патници поминале 4 дена на море, без храна и функционални тоалети
Во 2013-та, патување со крузер се претворило во пекол откако бродот останал без струја, па 4.000 патници морале да поминат четири дена среде море, без функционални тоалети и со малку храна. Што сè преживеале патниците и екипажот, додека да стигнат спасувачите?

Во 2013 година, околу 4.000 патници на крузерот Carnival Triumph тргнале на патување во Мексиканскиот Залив.
Тргнувајќи од Њу Орлеанс, патувањето требало да трае четири дена, но на последниот ден, целото искуство се претворило во вистински хорор и за патниците, и за екипажот.
На четвртиот ден, на крузерот избувнал електричен пожар кој целосно го оштетил напојувањето на бродот. Па, штом бил без струја, бродот останал и без мотори, без фрижидери, без клима уреди, но и без функционални тоалети.
Бидејќи бродот бил среде море, било невозможно да се извршат поправки, па вработените на крузерот требало да најдат начин како да ги задоволат најосновните потреби на патниците додека да дојде помош.
Бидејќи веќе поминале четири денови од почетокот на патувањето, се намалувале залихите на храна, а поради недостатокот од струја, капетаните на бродот не можеле да управуваат ни со кормилото.
„Патувањето повеќе не беше одмор, туку беше борба за преживување. Беше ужасно“, има изјавено патничка на крузерот.
Но, можеби најголем проблем биле нефункционалните тоалети.
Вработените им дале вреќи и кеси на патниците, со инструкции да ги користат корпите за отпадоци како тоалети.
Но, некои патници продолжиле да ги користат тоалетите во бродот, па целиот систем за канализација се преполнил.
И, не поминало долго пред фекалиите од канализацијата да почнат да претекуваат низ кабините и ходниците во бродот.